Свет
21. February 2016 - 12:03

Дали француските претседатели треба да ја напуштат Елисејската палата, за нова резиденција?

Симболот на француската власт, претседателската палата според експерти е многу малку практична и скапа за одржување. Повеќе кандидати за претседателските избори предлагаат да се пресели претседателството на републиката во помодерна резиденција, јавува дописникот на МИА од Париз.

Ова прашање денеска го отвора весникот „Паризиен“, но ако се суди според одговорот на испитувањето на јавното мислење, мнозинството од Французите (56%) смета дека претседателот треба да остане во Елисејската палата, поточно во Хотелот д’Евро. Кај симпатизерите на левицата 53% од испитаните сметаат дека претседателот треба да остане во Елисејската палата,а додека кај десницата тоа го мислат дури 59%.

Аргументите на тие кои што се залагаат за помодерна и побезбедна резиденција не ги убедија. Па, дури и актуелниот претседател смета дека не треба преселување, бидејќи и на друго место ќе бидат најдени истите проблеми, односно впечатокот да се биде отцепен од луѓето.

Испитувањето на јавното мислење покажува дека Французите иако не сакаат преселување на власта, тие сепак имаат контрадикторни ставови, имено 50% од испитаните имаат добро и 50% лошо мислење за Елисејската палата. Објаснувањето е во тоа дека претседателот влијае за нејзиниот имиџ. Симпатизерите на левицата и на Оланд, имаат подобро мислење за Елисејската плата, дури 66%, додека кај десницата нивниот број е 55%.

Инаку дури 83% од испитаните сметаат дека палатата не е „дом на народот“, туку место на власта. Логично Французите ја ставаат Елисејската палата на подиумот на најпрестижните претседателски резиденции, на трето место со 32% зад Белата куќа во 70% и Ватикан со 44% пред Кремљ со 21%.

Анкетата исто така покажува дека за 54% од Французите Елисејската палата, заедно со Националното собрание 70% најдобро ја симболизираат француската република, пред Сенатот, или хотелот Матињон – седиштетот на премиерот или модерното Министерство за финансии во Берси.

Интересно е дека 85% од испитаните сметаат дека Елисејската палата е престижна, 85% убава, 84% многу скапа, 80% дека ја претставува републиката, за 58% таа е симбол на монархија, за 41% таа е малку практична, за 30% лошо заштитетна.

Колку вреди Елисејсакта палата? Прашање на кој тешко може да се даде одговор, бидејќи палатата која се наоѓа во срцето на Париз на неколку чекори од плоштадот Конкорд е атипична.

Изградена во 1720 година, таа има над 350 соби, од кои 90 се во подземјето, визби, салони и еден парк од 1,5 хектар. Цената во овој дел на Париз за 1м2 е од 15.000 до 20.000 евра, односно за палатата се потребно околу 200 милиони евра со оглед дека таа се протега на 11200 м2, на што треба да се додаде градината и додатните згради. 

Според проценките на експертите за недвижности, цената на палатата би била околу 300 милиони евра, но со оглед на симболиката на местото цената може да достигне многу повисоки износи.

Елисејската палата се користи од француските претседатели започнувајќи од 1848 година.