Македонија
11. October 2021 - 16:32

Дали анкетите само го мерат или и влијаат на јавното мислење?

Убедлива предност на опозициската партија покажува најновата анкета која агенцијата ИПСОС по нарачка на ВМРО-ДПМНЕ ја спровела во периодот од 17 септември до 10 октомври. Според неа, доколку утре се одржат парламентарни избори за ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат 22% од граѓаните наспроти 16% за СДСМ. Во Албанскиот блок ДУИ има 7% рејтинг а коалицијата на Алијанса и Алтернатива 6% колку што има и Левица. Останатите политички партии имаат рејтинг под 1% додека 14% изјавиле дека се уште не се определени.

Анкетата е спроведена врз репрезентативен примерок на 1002 испитаници и подлежи на маргина на грешка од 2 до 3 поени.
Објавата на анкети во пресрет на изборен процес е традиција на македонската политичка сцена. Само во последните десетина дена објавени се десетици анкети со дијаметрално спротивни предвидувања. Наспроти оваа анкета каде опозицијата убедливо води, вчера агенцијата Стратум објави друго истражување според кое рејтингот на СДСМ е 26,1% а на ВМРО-ДПМНЕ 23,8%.
Експертите велат дека партиите треба да сфатат дека со интензивно објавување на анкети во пресрет на гласањето не се добиваат нови гласачи

Денеска е последен ден во кој може да се објавуваат анкети. Согласно законот на полноќ стартува забрана која ќе трае до денот на гласањето.