Македонија
10. August 2021 - 17:00

ЦУК: Бројката на активни пожари во земјава намалена на 4 - најкритично над Будинарци во беровско

Се уште трае борбата за целосно гаснење на пожарите кои беснеат низ државата. Според информациите од Центарот за управување со кризи, моментално активни се четири пожари. Најголем дел од силите за гасење се кај беровско Будинарци, пожарот во Скопски Сарај денеска се гасеше со романскиот авион, а се уште гори и кај Петровец и Прилеп. Првиот човек на ЦУК, уверува дека државните институции вложувале максимални напори за целосно ликвидирање на пожарите.

Од Министерството за одбрана велат дека во гасењето биле вклучени над 1.600 припадници на армијата, а активно се вклучени и хеликоптерите.. Од водухопловниот винг велат дека заедно со леталата од Србија и Романија, исфрлени биле 800 тони вода.

И додека трае борбата со пожарите, секојдневно се откриваат лица кои намерно потпалуваат. Во изминатото деноноќие полицијата поднела пријави за палење стрништа против двајца жители на дебар, еден од штипско Селце и еден од скопје.. Денеска, ваков случај регистрираше и камерата на Сител кај рафинеријата ОКТА.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ очекува одговорност од власта за пожарите, бидејќи како што велат најголеми напори за справување со пожарите, покажале странците.

„Власта дезертираше, среде кризна состојба. Замина на одмор, се врати, се сликаше, го изеде месниот нарезок на пожарникарите и повторно ја снема! Нема друг случај во Европа каде премиер и минситри дезертирале, ја напуштиле државата за време на соочување на земјата со голема криза и загрозени човечки животи“, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Од Центарот за управување со кризи негираат дека во справувањето со пожарите, граѓаните биле оставени сами да гасат. Како што велат од ЦУК, месното населени помагало, ама пожарите ги гаснеле државните институции.