Македонија
23. December 2021 - 12:23

Црвениот крст обучува волонтери за одговор при катастрофи

Црвениот крст од Струмица започна со подготовка на тим за брза проценка и одговор при елементарни непогоди и катастрофи. Тренингот опфаќа повеќе целини меѓу кои се заштита и самозаштита во случај на катастрофи, евакуација, засолништа при кризни ситуации, хуманитарна помош во случај на катастрофи, комуникација во кризни состојби, лична безбедност, ризици на терен.

„Сакаме нашата заедница да ја запознаеме со тоа како и што делува Црвениот крст во услови на елементарни непогоди и катастрофи. Како резултат на сите тие би кажал запознавања на заедницата ќе произлезе формирање на еден тим за брза проценка на терен каде понатаму со одредени активности и одредени проекти ќе се формираат различните аспекти на Црвениот Крст во случај за справување со кризи и справување со елементарни непогоди“, вели Љупчо Јанков, Црвен крст Струмица.

Освен запознавање на пошироката јавност, обуките треба да придонесат за зголемување на вештините на волонтерите во црвениот крст, но и да се подобри соработката со институциите, пред се со општините од регионот.

„Целта е новите волонтери да се запознаат и да им одржиме основна обука за менаџмент со катастрофи, што треба да се прави пред, за време и после катастрофи во рамките на самата организација, поточно на самата мисија и визија на Црвениот Крст на Република Северна Македонија. Како да ја продлабочиме, како да ја унапредиме, како да ја подобриме соработката со локалните самоуправи. Нивната комуникација, меѓусебна размена , искуства заседнички одржувања на тренинзи со една единствена цел, веќе од направените проценки за намалување на проценки на ризици што постојат на овој регион да можеме да оспособиле млади луѓе заедно со локалните самоуправи“, вели Али Самет, раководител на Оперативен центар за катастрофи - Централна канцеларија на Црвен крст.

Тренинг-обуките ќе траат во континуитет подолг период и ќе имаат за цел постојана надградба на капацитетите на тимот за да биде максимално подготвен да одговори на потребите на граѓаните во случај на природни катастрофи и елементарни непогоди.