Македонија
28. April 2020 - 20:39

Чулев: Во моментов најважно здравјето на граѓаните, состојбата со Ковид-19 ќе одреди кога ќе има избори

Она што е најбитно во моментот тоа е здравјето на граѓаните. Се уште постои висок ризик од ширење на ова зло, на оваа зараза со Ковид-19. И во моментов сите интелектуални и институционални капацитети мора да бидат сконцентрирани во што е можно побрзо излегување од оваа криза со Ковид-19. А за тоа кога треба да има избори, сепак ќе реши и степенот на заразени, односно како се справуваме со ситуацијата со Ковид-19. Ова вечерва го изјави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев во Отворено студио на 24 Вести.

-Моментално она што јас и на Влада го гледам и она што доаѓа од Комисијата за заразни болести, ние уште не сме излезени од заразата со Ковид-19, уште имаме заразени случаи, уште имаме смртни случаи, за жал, уште имаме и вонредни мерки. Во овој момент воопшто не би требало да стане збор за одржување какви било избори. Дополнително, на пример, ние како МВР имаме многу блиска соработка со ОБСЕ, односно со ОДИХР во смисла на организирање на изборите. Во моментот не се отворени ниту аеродромите, ниту станува збор за такво нешто, така што не знам ни како би се одржале евентуално избори во смисла на фер и демократски, односно со соодветен меѓународен или, пак, внатрешен мониторинг, рече Чулев.

Чулев потсети дека имаме забрана за групирање, за физичка дистанца, уште се затворени аеродромите, а на граѓаните им е најважно нивното здравје. – Мислам дека политиката треба да се воздржи од какви било интенции за губење на време и енергија за било што освен за она што значи ефикасно справување со коронавирусот, рече Чулев.

МВР, како што рече, без разлика кога ќе бидат изборите ќе се одговори согласно добиените задачи.

-Нормално, доколку постои повисок степен на заразени од Ковид 19 и поголем ризик тоа ќе биде во многу отежнати услови и со многу поголем ризик за припадниците на МВР заради близината на контактите, заради планирањето на активностите во врска со обезбедувањето на изборниот процес и откривањето на евентуални изборни нерегуларности. Меѓутоа, без разлика на се, МВР е спремно да одговори на предизвикот избори без разлика дали тие ќе бидат во јули или во септември или октомври. За тоа политичарите ќе си одлучат, рече Чулев.

Според Чулев, генерално граѓаните го почитуваат полицискиот час, но има исклучоци.  Досега се поднесени 1.499 кривични пријави од 22 март годинава, кога почна првото ограничување на движење па се до моментов. Во поголемиот број случаи се работи за помлади лица.

Чулев изјави дејка предложил ограничувањата за време на престојниот викенд да бидат како и во нормалните викенди. Смета дека кај граѓаните постои зголемена свесност за лична заштита, односно дека најголем дел од нив ги почитуваат мерките и одлуките, носат маски или други средства за покривање на дишните органи.

-Моите аргументи беа во насока дека кај граѓаните веќе постои зголемена свесност за лична заштита за справување со мерките за ширење зараза. Како што гледате и вие, најголем дел од граѓаните ги почитуваат мерките на Владата, носат средства за лична заштита, односно маски и други средства покривање на дишните органи, онака како што е и фактички пропишано во Уредбата на Владата. Други аргументи беа дека психолошкиот притисок врз граѓани е енормно зголемен, рече Чулев. Додаде дека кај граѓаните забележале зголемена агресија, зголемен број случаи на семејно насилство, и насилство од општ вид.

Министерот Чулев ги охрабрува граѓаните да пријават семејното насилство, доколку го има. Доколку не можат на телефон заради ограничувањето на движењето, тоа да го направат во најблиската полициска станица.

-Јас сметав тогаш, а и сметам и сега дека требаше да остане првичниот мој предлог да има ограничување само во недела, исто како сите нормални денови. Бев на стојалиште дека треба да ја симнеме забраната за движење во шуми и планини заради тоа што генерално луѓето коишто одат во шуми и планини одат изолирани во најголем дел, а и добро е за здравјето на граѓаните, нагласи Чулев.