Македонија
17. December 2015 - 14:24

„Човекот кој не знаеше да каже: Не!“ - нова премиера на НЕТА Мал драмски театар-Битола

НЕТА Мал драмски театар-Битола ги заврши подготовките за новата театарска премиера, драмскиот текст „Човекот кој не знаеше да каже: НЕ!“ на Горјан Милошевски, инспириран од Брехтовата драма „Човекот е човек“.

Станува збор за пиеса која продира во повеќе слоеви и која следи три главни линии. Првата се однесува на променливиот човеков карактер, на неговата неверојатно голема подложност на влијанијата од средината, но и личните желби и интереси. Втората линија загатнува и си игра со прашања кои испитуваат сериозни и клучни религиски информации, а третата линија ја содржи драстичната промена на главниот лик кој од човек кој се залага за скромни, солидарни, питоми принципи, станува човек со себични, грозоморни и неокапиталистички интереси, посочи Милошевски.

Според  Бојан Стефановски, продуцент во НЕТА Мал драмски театар-Битола, со премиерата на овој театарски проект закажана за 22 декември во Прилеп, се заокружува успешна театарска сезона.

- Претставата ја подготвивме со поддршка на Министерството за култура, а ја реализираме во соработка и со театарот „Војдан Чернодрински“ и камерниот фестивал „Ристо Шипков“. Но, она што посебно сакам да го издвојам дека на почетокот од идната година претставата „Човекот кој не знаеше да каже: НЕ!“ ќе биде гледана од неколку селектори од Европа со што ќе ни бидат отворени и други тетарски сцени, истакна Стефановски.

Режисер на претставата е Мартин Кочовски, а ќе настапат актерите Илија Волчески, Владимир Ѓорѓијоски, Андон Јованоски, Димитрина Мицкоска, Наташа Наумоска, Здравко Стојмиров, Димитар Црцороски и Катерина Чакмакоска Клинческа.