Македонија
13. December 2025 - 16:52

Митева: Денешниот настап на СДС претставува сериозна штета за медиумскиот простор во Македонија кој мора да биде јасно осуден

Владината портпаролка на социјалните мрежи реагираше на прес-конференција на опозицијата. 

„Македонија не смее и нема да оди по тој пат затоа што одиме напред и преку дела ја покажуваме нашата сериозна намера да обезбедиме средина во која медиумите ќе работат слободно и без никакви притисоци. И кога велам одиме напред, тоа и сериозно можам да го поткрепам со факти.

Оваа Влада работи на воспоставување институционални механизми за заштита на новинарите, се формира работна група за спречување на SLAPP тужби, се води отворен дијалог со новинарските синдикати и медиумските здруженија, а СДС свесно избира да настапи со јавна стигматизација на медиуми.

Посебно лицемерно е што вакви напади доаѓаат од политичка партија која декларативно се повикува на слобода на медиумите, а чиј однос кон новинарите јавноста многу добро го памети. Времето на замолчување, селективен пристап, притисоци, омаловажувања и лош однос кон новинари се гледаше на дело токму кога тие зборуваа за „слободи“. Тоа време е завршено.

Колку и да ги познаваме медиумските процеси, колку и да сме свесни за различни уредувачки пристапи, никогаш нема да си дозволиме јавно таргетирање и етикетирање медиуми. Таквото однесување е знак на длабока и структурна слабост на СДС и намера за притисок.

Очекувам јасна и недвосмислена реакција од целата медиумска заедница, од новинарските здруженија, од граѓанскиот сектор и од сите кои искрено веруваат во слободата на изразување. Затоа што денес се на удар медиумите, а утре може да биде секој критички глас.

Ова што го направи СДС претставува сериозна штета за медиумскиот простор во Македонија и потег кој мора да биде јасно осуден затоа што може да остави долгорочни последици“, стои во објавата на Митева.