Четири кривични пријави за екс директорот на СОЗР
Мито, проневера, фалсификат и несовесно работење му се става на товар на екс директорот на Службата за општи и заеднички работи на владата Пеце Мирчевски во чиј дом од утрово се врши претрес.
Според информациите до кои дојде Сител, Финансиската полиција го гони дека со државни пари купил ново луксузно возило и преку компанија која добила тендер од владата возилото си го паркирал во дворот на семејната куќа.
Сител дознава дека Мирчевски во име на Владата склучил договор со фирма за транспорт на ВИП лица на која и го отстапил луксузното возило кое го купила владата. Но наместо со него да се превезуваат ВИП гости, тој гланц новиот Пасат го користел како свој веднаш откако станал сопственост на рент а кар фирмата. При претресот утрово, финансиската полиција автомобилот го пронашла во неговата гаража, а инспекторите сметаат дека на тој начин примил поткуп за да биде склучен договорот. Покрај него, кривично ќе одговара и сопственикот на фирмата која го добила тендерот.
Полицијата утврдила и дека Мирчевски од државна сметка патувал за приватни потреби.
„Во повеќе наврати, прикажувајќи невистинити податоци дека се работи за службени патувања за службени потреби и цели, потпишувал барања за резервација на хотелско сместување, барања за резервација на авио билети, решенија за упатување на службен пат во странство и налози за службен пат во странство“ – стои во соопштението на Финансиската полиција која ова го смета за проневера во службата, а му додава и несовесно работење бидејќи утврдила дека на еден пилот на владиниот авион за 6 месеци му исплатил над 56.000 евра за плата иако тој не ги исполнувал условите за тоа.
На Мирчевски му се става на товар и фалсификување на документација, а надлежните го сомничат дека во 5 случаи не се изземал од постапките и лажно потпишал дека со странките немал судир на интереси.
Обвинителството ја потврди акцијата но без многу детали.
„Основното јавно обвинителство Скопје заедно со Управата за финансиска полиција презема дејствија за обезбедување докази во предмет за кривични дела примање поткуп, давање поткуп, проневера во службата и несовесно работење. Во тек се претреси на локации во Скопје, за што е обезбедена наредба на судија на претходна постапка, а се преземаат и други дејствија.“ – стои во краткото соопштение на Обвинителството
Нема детали дали по распитот за Мирчевски ќе се бара притвор.
Пеце Мирчевски беше директор на СОЗР од 2017 година па се до промената на власта. Во тој период извршуваше и високи партиски функции во СДСМ.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар