Македонија
19. January 2024 - 9:41

Честитка од Социјалистичката партија по повод празникот Богојавление-Водици

Претседателот на Социјалистичката партија на Македонија Љупчо Димовски по повод големиот христијански празник Богојавление - Водици упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, митрополит скопски, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г. г. Стефан и до сите православни верници.

Ваше Блаженство,
Со особено задоволство Вам и на членовите на Светиот архиерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство, како и на верниците на Македонската православна црква, од името на Социјалистичката партија на Македониија и од мое име Ви упатувам срдечни честитки по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици.

Чинот на фрлање на светиот крст нашиот народ со векови го собира покрај македонските води да посведочи на јавувањето на Бог и да ги наполни своите срца со надеж и верба.
Симболиката на осветените води секогаш претставува мотив за духовно прочистување и инспирација за добри дела. Затоа, искрено да ги негуваме разбирањето, слогата и човекољубието, постојано дарувајќи љубов, грижа и внимание, како што од векот не учи нашата древна Македонска православна црква.

Длабоката духовност на денешниот ден е можност за градење на потребното единство кај македонскиот народ во справувањето со сите предизвици со кои се соочуваме и кои сплотени и со Божја помош можеме да ги надминеме.

Нека ни е честит и вековит празникот Богојавление - Водици!
Бог се јави!

Социјалистичка партија на Македонија