Чекања и до три часа на европските аеродроми поради новиот систем за влез и излез од ЕУ
Воведувањето на Шенгенскиот систем за влез и излез (EES), кој започна со примена на 12 октомври 2025 година, доведе до сериозни нарушувања во функционирањето на аеродромите, особено во периодите со зголемен патнички сообраќај. Во многу случаи, патниците се соочуваат со чекања и до три часа за да ги завршат сите гранични и безбедносни процедури.
Аеродромските власти предупредуваат дека доколку системот не се стабилизира до почетокот на јануари, реализацијата на планираното зголемување на прагот за регистрација на 35 проценти, предвидено од 9 јануари, ќе биде исклучително тешка. Во таков случај, метежот на аеродромите би се продлабочил, а довербата на патниците би била сериозно нарушена. Во моментов, регистрацијата на патници е ограничена на само 10 проценти.
Европскиот огранок на Меѓународниот совет на аеродроми (ACI) упати итен повик до Европската комисија, eu-LISA, Фронтекс и земјите членки на Шенген зоната да преземат конкретни мерки за надминување на сè поизразените оперативни проблеми поврзани со примената на EES, или да овозможат поголема флексибилност во неговото спроведување сè додека системот целосно не биде воведен на сите аеродроми.
Според ACI, постепеното зголемување на регистрацијата и собирањето биометриски податоци од државјани на трети земји кои влегуваат во Шенген зоната значително го продолжува времето потребно за гранична контрола на аеродромите, и тоа за дури 70 проценти, при што во шпиц-периодите времето на чекање достигнува и до три часа. Ова сериозно го нарушува патничкото искуство, а најпогодени се аеродромите во Франција, Германија, Грција, Исланд, Италија, Португалија и Шпанија.
Од Меѓународниот совет на аеродроми посочуваат дека и по два месеца од стартот на примената на системот, сè уште се соочуваат со чести прекини, технички недостатоци, проблеми во конфигурацијата, како и со недостапност на автоматизираните гранични порти (ABC) за обработка на EES на голем број аеродроми. Дополнителен предизвик претставува и недоволниот број киосци за земање биометриски податоци, како и недостигот од полициски кадар.
Генералниот директор на ACI EUROPE, Оливие Јанковец, предупредува дека патниците веќе трпат значителни непријатности, а секојдневното работење на аеродромите е сериозно отежнато и со сегашниот праг за регистрација од 10 проценти за државјани од трети земји. Доколку сите идентификувани оперативни проблеми не бидат целосно решени во наредните недели, зголемувањето на прагот на 35 проценти од 9 јануари, како што е предвидено со планот за имплементација на EES, неминовно ќе доведе до далеку поголеми застои, системски нарушувања за аеродромите и авиокомпаниите, како и потенцијални сериозни безбедносни ризици.
ACI EUROPE е европскиот регионален огранок на Меѓународниот совет на аеродроми (ACI), единствената глобална професионална организација што ги обединува операторите на аеродроми. Организацијата претставува повеќе од 600 аеродроми во 55 земји, чии членови опслужуваат над 95 проценти од вкупниот комерцијален воздушен сообраќај во Европа.
Ново на Сител
-

МВР: Во тек е полициска акција во повеќе градови во државата за сузбивање трговија со дрога
-

Македонија првпат добива нови електрични еколошки автобуси
-

Дејан Јованов излегува од притвор
-

По скандалот со Македониумот, директорот на Историскиот музеј во Крушево поднесе оставка
-

Пуштен е во употреба студентскиот дом „Стив Наумов“, 1.150 студенти добиваат современи услови за живот и студирање
-

A1 Групацијата го забрзува ICT растот: Вештачката интелегенција и Cloud во центарот на дигиталната трансформација
-

Пожар во стан во Скопје, 11-годишно девојче пренесено во болница
-

Силувал малолетничка, ја демнел и барал експлицитни фотографии од неа - приведен 17-годишен скопјанец
