Свет
3. May 2017 - 18:51

Чавушоглу се надева на напредок во создавањето зони за безбедност во Сирија

Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, денеска изјави дека се надева на напредок за прашањето за создавање зони за безбедност во Сирија, особено по средбата во Астана на која беа разгледани овие теми, пренесе ТАСС.

Чавушоглу ова го посочи пред новинарите во Сочи, каде учествува во преговорите меѓу претседателите на Русија и на Турција, Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган.

Создавањето зони за безбедност е едно од прашањата што се разгледуваат во Астана од нашите екипи, претставници на опозицијата и на сириската Влада, забележа Чавушоглу.

Според него, има четири документа, а за три од нив веќе има консензус.

-Во Астана се водат дискусии за прашањето за намалување на тензиите и јас се надевам дека ќе постигнеме взаемно разбирање и за ова прашање, додаде турскиот министер за надворешни работи.

Во предвечерието на средбата во Астана во средствата за информирање се појавија информации за руски предлози за создавање на четири зони за намалување на тензиите во Сирија, околу кои ќе има линии за безбедност. Претпоставка е дека во дадените региони за контрола и мониторинг ќе бидат испратени војници на земјите гаранти за прекинот на огнот во Сирија.