Македонија
19. December 2019 - 14:04

Царината заплени часовник вреден 35 илјади евра, облека, цигари, фалсификати,…

Во текот на месец декември, царинските службеници спречија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што се задржани луксузен часовник, облека, обувки, цигари, компјутери, печатар, странски регистарски таблички, фалсификати и друго. Привремено се задржани:

– луксузен часовник со вредност од околу 35 илјади евра, откриен на граничниот премин Богородица на влез во државата кај лице со грчко државјанство, кое управувало патничко моторно возило со бугарски регистарски ознаки. На прашање на царинските службеници дали има нешто да пријави, патникот не пријавил ништо, но по извршена контрола, под возачкото седиште од задната страна, во црна кеса во оригинална кутија пронајден е часовник и фактура за часовникот на име на швајцарски државјанин. Станува збор за часовник марка Audemars Piguet Royal Oak Offshore со вредност од 2.200.000,оо денари и избегнати царински давачки 525.800, оо денари.

Против сторителот е поднесена соодветна кривична пријава за избегнати царински давачки, а часовникот е привремено одземен.

– 1.418 парчиња облека (долна облека, јакни, дуксери, тренерки, хеланки, капи и чорапи) и 83 пара патики, откриени при контрола на финско патничко комбе, управувано од фински државјанин пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи, пронајдени во 8 куфери, 2 картонски кутии и 2 кеси, сместени во багажникот на возилото, се привремено здржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 15 пара спортски обувки, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените обувки, пронајдени во хартиена кеса и патна торба, сместени на задните седишта на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 100 штеки цигари, откриени во два одвоени случаи на Интернационалниот Аеродром Скопје.

Во првиот случај, во чекираниот багаж на косовски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет за Шведска, биле пронајдени 50 штеки цигари Winston 100’s со македонски акцизни маркички.

Во вториот случај, во личниот и чекираниот багаж на македонски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет за Шведска, биле пронајдени исто така 50 штеки цигари, од марката Winston, без акцизни маркички, за кои патникот изјавил дека ги набавил од грчки фри-шоп.

Во двата случаи, непријавените цигари се привремено задржани а против патниците ќе бидат поведени прекршочни постапки.

– 51 штека цигари Marlboro, без акцизни маркички, откриени од страна на полициски службеници при контрола на турски автобус, извршена во близина на наплатната рампа Петровец. Непријавените цигари, пронајдени на последните седишта на автобусот, биле предадени на мобилните царински тимови за понатамошна постапка. Цигарите се привремено задржани, а против водичот, македонски државјанин кој се пријавил како сопственик, ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 12 штеки цигари ОМЕ без акцизни маркички, откриени при контрола на грчки автомобил, управуван од грчки државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените цигари, пронајдени во специјално адаптиран простор помеѓу резервоарот за гас во багажниот простор и задното седиште, преграден со тапациран и офарбан картон, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 2 нови десктоп компјутери со тастатури, марка HP Desktop pro G2, и 1 нов печатар со скенер марка HP laser jet pro MFP M130fw, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на српски џип Land Rover, управуван од турски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените апарати, пронајдени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 390 парчиња, 2 пара, 24 сета и 36 литри разна стока (електричен и рачен алат, делови за возила, пили, прашок за перење, дезодоранси, пијалоци), откриени од страна на мобилните царински тимови на ЦИ Taбановце, при контрола на товарно моторнo возилo управувано од македонски државјанин.

– 2Д проектор леќа марка SONY LKRL-Z519 и 3Д Проектор леќа марка SONY LKRL-Z502, откриени од царинските службеници на царинска испостава Аеродром во Скопје, на влез во државата кај турски државјанин кој допатувал со лет од Турција.

– 1 комплет бугарски регистарски таблички и сообраќајни дозволи, откриени при контрола на бугарски џип, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Делчево. Табличките и сообраќајните дозволи, за кои возачот изјавил дека припаѓале на патничко возило кое било во негова сопственост, но го продал во отпад поради тоа што било оштетено во сообраќајна незгода, биле пронајдени во кеса сместена под совозачкото седиште. Истите се привремено задржани а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 2.134 плишани играчки со ознаки на заштитени трговски марки, откриени од страна на мобилните царински тимови во соработка со царински инспектори од Одделението за истраги, при контрола на стока со потекло од Кина, наменета за увозник од с. Лабуништа, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Битола. Поради сомневање дека производите повредуваат права од интелектуална сопственост, истите се привремено задржани и согласно законските прописи ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.