Бугарскиот амбасадор Желјаско Радуков на разговор во МНР
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ) денеска ќе го повика бугарскиот амбасадор во државава Желјаско Радуков за фотографирањето пред бугарското знаме на претседателите Румен Радев и Гордана Сиљановска на средбата завчера во Софија.
-Во врска со најавата на претседателката Сиљановска Давкова информираме дека во текот на утрешниот ден во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на разговор ќе биде повикан Амбасадорот на Република Бугарија, потврдија вчера од МНРиНТ.
За денеска во 11 часот е закажан и брифинг за медиуми на шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски за досегашните и идните активности, како и за актуелни прашања од доменот на работата на МНРиНТ.
Од Кабинетот на претседателката Сиљановска - Давкова во саботата најавија дека ќе побараат објаснување за фотографијата пред бугарското знаме направена во Кабинетот на претседателот на Бугарија иако, како што нагласуваат оттаму, ваков потег и чин не бил предвиден, ниту договорен.
- Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна, наведоа од Кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова.
Опозициската СДСМ и вчера реагираше за посетата на Софија, обвинувајќи дека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и ВМРО-ДПМНЕ ја загрозиле македонската самобитност и македонски идентитет.
Според СДСМ, „претседателката и владејачката партија иницирале дипломатски скандал со кој допуштиле Бугарија да ја понижи и да избрише под со државата и македонските граѓани“.
-Првпат еден македонски државник се сретнал со друг државник без никакви државни обележја и ова е скандал без преседан. Ова е навреда и омаловажување на државата и нејзините граѓани, рече на прес-конференција портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, во реакција на прес-конференцијата на СДСМ наведе дека „не се потребни лекции од партија која кога беше на власт ја воведе државата во безброј дипломатски кризи и меѓународни понижувања.“
- Додека СДС беше на власт, видовме како се преговараше зад затворени врати, како се менуваше името на државата без вистинска консултација со народот, и како се промовираа политики што ги понижуваа нашите национални интереси. Тие продадоа сè што можеше да се продаде и сега, од опозиција, лицемерно критикуваат и напаѓаат. За разлика од СДС, ВМРО-ДПМНЕ стои цврсто зад националните интереси на Македонија и продолжува да ја води државата кон патот на достоинството и гордоста, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Средбата на Радев и Сиљановска Давкова беше дел од активостите на македонската претседателка при посетата на Софија по повод присуство на настапот на македонската опера во Софија со „Набуко“, како чекор од културната дипломатија. Во македонската делегација беа и министрите за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски и за култура Зоран Љутков.
Новоименуваниот амбасадор на Бугарија Желјаско Радуков и ги предаде акредитивните писма на претседателката Сиљановска Давкова на 10 септемеври, заменувајќи го досегашниот амбасадор Ангел Ангелов.
Ново на Сител
-
Тема на денот со генералниот секретар на СДСМ, Александар Димитријевиќ
-
17 уапсени за инцидентите
-
ДУИ бара интерпелација на Тошковски - СДСМ лидерска средба
-
Разбојниците вчера од продажен објект на градскиот стадион одзеле 10.000 евра, но на излегување биле уапсени од ЕИП
-
Мицкоски за обвинителите: Нема веќе трпение
-
Приватните превозници се откажаа од блокада, утре продолжуваат да возат
-
Од Нова Година чоколадото ќе биде луксуз, поскапуваат и други берзански производи како маслото и шеќерот
-
Жртвите на семејно насилство во Струмица добиваат куќа за отворено домување