Македонија
1. November 2018 - 10:34

Буџетот на општина Василево за девет месеци реализиран 45 проценти

Од планираните 196 милиони и 580 илјади денари реализирани се 89 милиони и 270 илјади денари или околу 45 проценти, стои во извештајот за извршувањето на буџетот на општина Василево за перидот од 1 јануари до 30 септември годинава, кој беше усвоен на седницата на Советот на општината.

Кај основниот буџет реализацијата е околу 28 проценти или од планирани 112 милиони денари реализирани се нешто над 31,5 милиони денари.

Според градоначалникот на општина Василево Марјан Јанев, ваквата реализација на буџетот е просечна. Објасни дека тоа пред се се должи на средствата планирани од централно ниво на власт, односно од министерствата, а  кои поради одередени причини општините се уште не ги добиле.

-Тоа е просечна реализација, а причина за таквата просечна реализација се средствата кои требаше да влезат од централните институции како што се министерствата и агенциите чии јавни повици за аплицирање  беа покасно објавени. Општина Василево  аплицираше по сите повици, апликациите се одобрени но средствата ќе бидат обезбедени  пролетта 2019 година,  рече во образложението градоначалникот Јанев.

Како  друга причина за просечната реализација на буџетот, Јанев  ги наведе планираните 40 милиони денари од продажба на државно земјиште, кои не се реализирани, поради тоа што оваа надлежност се уште не е трансферирана од централно на локално ниво.