Македонија
14. December 2021 - 20:04

Бучковски: Со хармонизирани учебници ќе влеземе во ЕУ

Специјалниот претставник на Владата за преговорите со Бугарија, Владо Бучковски во Тема на денот во Дневникот на Сител смета дека предлозите на бугарскиот премиер Кирил Петков се добра основа.

-На средбата на работните групи ќе можеме да покажеме дека сме направиле повеќе од Бугарија во инфраструктурата. Локвенец ја договори динамиката во изградбата на пругата со Бугарија. Го правиме експресниот пат и се прошири патот од Крива Паланка до границата. Имаме многу проекти во културата, а во економијата можеме повеќе. Имаме нов предизвик и не се предаваме, констатира Бучковски.

Според него, премиерот Зоран Заев треба да остане на функцијата, „затоа што тој може да биде дополнителна гаранција на она што ќе го договориме со Петков“.

-Факт е дека новата бугарска влада наследи проблеми од претходниците. Мојот оптимизам почива на 5-те точки од нивната позиција. Бугарија инсистира на Република Македонија, а не на Македонија, вели Бучковски и додава дека „промената на историските учебници е предвидена според Договорот“.

-Во Договорот е пишано. Тенденцијата е дека тие ќе бидат хармонизирани, не само кај нас, туку и во Бугарија. Сметам дека ќе влеземе во ЕУ со хармонизирани учебници. Историската комисија работи за иднината и генерациите, потенцира специјалниот претставник на Владата.