Бројот на загинати во Мјанмар достигна 3.354, САД ја зголемува помошта на девет милиони долари
Бројот на жртвите од разорниот земјотрес во Мјанмар достигна 3.354, повредени се 4.850, а прогласени за исчезнати се 220 лица.
Лидерот на воената влада, генерал Мин Аунг Хлаин се врати во главниот град Нејпидо по едно од неговите ретки патувања во странство. Во главниот град на Тајланд, Бангкок, тој учествуваше на самитот на земјите од Јужна и Југоисточна Азија, каде имаше одвоени средби со лидерите на Тајланд, Непал, Бутан, Шри Ланка и Индија.
Мин Аунг Хлаин му рекол на индискиот премиер Нарендра Моди дека хунтата планира да одржи „слободни и фер“ избори во декември, објавија мјанмарските медиуми.
Моди повика примирјето по земјотресот во граѓанската војна во Мјанмар да стане трајно и истакна дека изборите мора да бидат „широко репрезентативни и веродостојни, изјави во Делхи портпаролот на Министерството за надворешни работи.
Од соборувањето на цивилната влада на Аунг Сан Су Чи, војската се бори да управува со Мјанмар, економијата и испораката на основните услуги се во хаос. Состојбата ја влошува разорниот земјотрес.
Граѓанската војна по пучот резултираше со раселување на над три милиони луѓе и акутна несигурност во храната. Според ОН, повеќе од една третина од населението има потреба од хуманитарна поддршка.
Координаторот за итни случаи на ОН, Том Флечер, претходната ноќ ја помина во градот Мандалеј, во близина на епицентарот на земјотресот. Тој рече дека хуманитарните и граѓанските групи го предводеле одговорот на земјотресот, пофалувајќи ги за нивната „храброст, вештина и решителност“.
Канцеларијата на ОН за човекови права вчера соопшти дека хунтата ја ограничува испораката на помош во областите погодени од земјотресот чии жители не го поддржуваат нејзиното владеење. Светската организација истражува 53 напади на хунтата врз нејзините противници, вклучително и воздушни напади, од кои шеснаесет се извршени од објавувањето на прекинот на огнот.
Вашингтон вчера најави зголемување на финансиската помош за Мјанмар по земјотресот и ги повика другите земји во светот да направат повеќе за да обезбедат хуманитарна помош. Американскиот Стејт департмент соопшти дека помошта за Мјанмар се зголемува од два на девет милиони долари.
Традиционално, САД се во првите редови во обезбедувањето хуманитарна помош, но по преземањето на функцијата, републиканскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба за замрзнување на американската странска помош за период од 90 дена.
Ново на Сител
-
Тема на денот со Венко Филипче, претседател на СДСМ
-
МВ: ВМРО-ДПМНЕ 51,7% - СДСМ 10,9%
-
СДСМ вели дека Владата е раскарана, ВМРО-ДПМНЕ одговори дека е стабилна и функционална
-
Андоновски за првата антикорупционерка: Треба да си даде оставка
-
Обвинителството обезбедува докази од вчерашната престрелка на Бит пазар – власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања
-
Манасиевски: Од левичари и глумење скромност до деловни објекти во центарот на Скопје
-
Правда мора да има - протест за загинатите во дискотеката „Пулс“ во Кочани
-
Помалку шетање по шалтерите во основните судови – и онлајн може да си извадите документ дека сте неосудуван