Свет
26. јуни 2017 - 14:27

Британски министри предлагаат Филип Хамонд да биде назначен за привремен премиер

Министри во британската Влада, кои не се согласуваат Тереза Мај да остане во Даунинг стрит 10, предлагаат актуелниот министер за финансии, Филип Хамонд да биде назначен за привремен премиер.

Неделникот „Сандеј Тајмс“ тврди дека таквиот предлог се случува во време кога продолжуваат превирањата во Конзервативната партија по неуспешните предвремени избори и поделеноста во Владата, одржувајќи го и натаму притисокот врз партискиот лидер и премиер Меј, да се повлече од функцијата.

Поделеноста кај конзервативците  кои освоија  најмногу пратенички места, но не победија на изборите од 8 јуни, е последица на  изборниот неуспех, на погрешната проценка на Меј и нејзините најблиски советници дека лесно ќе се обезбеди победата, која требаше да биде „триумфална“  но поради кампањата, што таа ја водеше околу Брегзит, предизвикувајќи јавни расправии  со ЕУ  и заканувајќи се дека Велика Британија може да излезе од Унијата без договор со Брисел.

Нејзините критичари во Владата ја обвинуваат дека токму таквата нејзнина позиција околу Брегзит, предизвика гласачите да се свртат кон опозициските лабуристи кои ветуваа дека „лесно и брзо“ ќе се сподгодат со ЕУ и да му овозможат на левичарскиот лабуристички лидер Џереми Корбин, тој и неговата партија значително да ги засилат своите позиции.

Позицијата на Меј во партијата и Владата стана уште повеќе несигурна, откако таа се  определи за соработка со ДУП околу поддршката  во Парламентот на нејзината малцинска Влада, поради „тврдите“ ставови што оваа  северноирска партија ги има кон низа прашања, за кои се верува дека би можело да им наштетат на конзервативците.

Министерот за финансии Хамонд важи за „умерен“ кога станува збор за Брегзит и за преговорите, а минатата недела јавно предупреди дека излегувањето од ЕУ без договор „може да биде мошне опасно за Британија“ и да предизвика бројни проблеми за домашната економија и за луѓето.

Барањето Меј да се смени со поставување привремен премиер, до крајот на преговарачкиот процес, во април 2019 година, доаѓа од стравот  на ториевците од нови парламентарни избри.

На изборите од 8 јуни, конзервативците победија во низа изборни единици со мало и мошне несигурно мнозинство кое се смета дека при повторното гласање, лесно може да биде загубено.

Во 29 изборни единици во Англија и во Велс, партијата на Меј има мнозинствио од помалку од две илјади гласови, а во 17 други тоа е помало и од илјада. Во една изборна единца во Саутхемптон, ториевците победија со предност од само 31 гласови, во Ричмонд во Лондон со 45, а во Хејстингс и Рај со 346.

Во 27 од 30 вакви „небезбедни“ изборни единци, второпласирани се кандидатите на лабуристите, во две единци либералдемократите, а во една единица во Шкотска, кандидатот на шкотските националисти.

Последните мерења во Британија покажуваат дека дури 80 отсто од анкетираните сметаат оти Тереза Меј нема да „преживее“ до крајот на преговорите за Брегзит.

Таа самата неодамна порача дека ке остане премиер додека ја има подршката на министрите во кабинетот. 

Министерот за Брегзит, Дејвид Дејвис вчера потврди дека Меј е изложена на голем притисок, но предупреди оти нејзиното менување во време на започнатите преговори со Брисел, би било „катастрофа“ за Британија.