Свет
25. May 2017 - 8:56

Британската полиција изврши контролирана експлозија во јужниот дел на Манчестер

Британската полиција соопшти дека во рамки на истрагата на нападот во Манчестер извршила контролирана експлозија при претрес на адреса во јужниот дел на градот.

- Во раните утрински часови извршивме претрес на адреса во квартот Мос саид, при што беше извршена контролирана експлозија, посочија во соопштението силите на редот.

Претресот е поврзан со нападот во Манчестер арената во понеделникот, се додава во соопштението, кое прецизира дека истрагата напредува брзо. 

Во оваа фаза од истрагата се приведени шест мажи и една жена. Тие се во притвор, каде ќе бидат сослушани, додаде полицијата. 

Освен тоа, во Либија беа уапсени и таткото и братот на извршителот на самоубиствениот напад, Салман Абеди, Британец со либиско потекло. 

Таткото на напаѓачот, Рамадан Абеди изјави дека зборувал со синот пред неколку дена и тој му кажал дека ќе замине на поклонение во саудискиот град Мека. - Зборував со него пред околу пет дена. Немаше ништо чудно, се беше нормално, рече таткото. 

Помалиот брат на Салман, Хашем беше приведен во Триполи, поради сомнение за врски до Исламска држава, изјави портпаролот на специјалните сили. познати како „Рада“.

- Имаме докази дека тој е поврзан со ИД заедно со брат му.  Го следиме повеќе од едне и пол месец. Тој бил во контакт со брат му и знаел за нападот, додаде портпаролот. 

Според него 20-годишниот Хашем отпатувал од Лондон за Триполи на 16 април.

Британската министерка за внатрешни работи Амбер Рад претходно изјави дека напаѓачот неодамна се вратил од Либија. Според нејзиниот француски колега Жерар Колон, мажот бил поврзан со ИД и веројатно ја посетил Сирија.