Македонија
21. August 2017 - 12:13

Божествена литургија на врвот на Крчин

Дел од монашкото братство на Бигорскиот манастир  и сестринствата од Рајчица и Пречиста, во присуство на поголем број верници, отслужија боженствена литургија на врвот Голем Крчин, на надморска височина од 2.341 метар.

На ова место, некогаш имало храм посветен на Преображението Господово, а денес стојат само остатоци од него.

На врвот Крчин, лани, првпат по 80 години, беше отслужена литургија во чест на Господовото Преображение.

- Но за разлика од минатата година, овој пат ни  се придружија многу повеќе љубители на преображенската благодат и на природните Божји убавини. Божествените и природните височини се чудесен спој на радост, мир, љубов и преобразување, посочуваат од бигорската обител.

Тие се надеваат дека овој убав потфат ќе остане како традиција, со што поголем број учесници секоја година.

Врвот Голем Крчин е највисокиот врв на планината Крчин во дебарскиот крај на западна Македонија. Крчин се протега во продолжение на планината Дешат и е дел од поголемиот венец Шара-Кораб-Дешат-Крчин-Стогово-Караорман.