Болниците се полнат со КОВИД-пациенти, хоспитализирани 1739 во земјава
Со порастот на нови позитивни на коронавирусот во изминатите денови, се зголемува и бројот на хоспитализирани луѓе кои имаат потешки симптоми, а многумина се зависни од постојана кислородна поддршка.
Во статистиката за вчера беше наведено дека во целата држава во болница се лекуваат 1739 позитивни и сомнителни на КОВИД-19, но обезбедени се слободни места за нови приеми и има околу 220 кревети.
Од вкупниот број пациенти, 703 се лекуваат во Скопје, а 1036 на инфективните одделенија и КОВИД-центрите во други градови во државата. Во главниот град во претходното деноноќие биле примени 65 нови пациенти и до вчера утрото имало 60 празни легла.
На Инфективната клиника се лекуваат 154, во ГОБ „8 Септември“- 139, 313 се хоспитализирани на интерните и на хируршките клиники, во Институтот за белодробни заболувања кај деца – Козле има 39 пациенти и 35 на Институтот за физикална медицина и рехабилитација. Осум деца со коронавирус лежат на Клиниката за детски болести, како и девет пациентки на Гинекологија.
-Оваа здравствена криза погодена од третиот и можеби најсилен бран досега, е присутна насекаде – кај нас, во регионот, во цела Европа. И покрај големиот притисок врз болниците во државата, кои сè побрзо се исполнуваат со КОВИД-пациенти, обезбедени се слободни места на повеќе клиники. Состојбата е критична, но граѓаните не треба да се грижат, оние кои имаат потреба во секое време добиваат соодветен третман во болниците, соопшти вчера Министерството за здравство.
И министерот Венко Филипче викендов изјави дека има места и кадар во болниците иако притисокот врз нив е најголем од почетокот на епидемијата.
-Болниците се преоптоварени како никогаш досега, но обезбедуваме сè што треба секој да добие соодветна здравствена нега и има сосема доволен број болнички кревети, дури и сега, изјави Филипче во саботата при посетата на салата „Борис Трајковски“ каде што денеска ќе почне масовно вакцинирање.
Министерството за здравство апелираше да не се создава непотребна паника – возрасни КОВИД-пациенти нема да се хоспитализираат на Клиниката за детски болести и дека единствени возрасни таму се мајките на деца со ковид, кои исто така се позитивни.
МЗ ги повика и граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита и со тоа секој индивидуално да придонесе во борбата со коронавирусот и да им помогне на здравствените работници.
Битката со КОВИД-19 ја загубија уште 35 пацинети, на возраст од 28 до 88 години, и со нив бројот на починати достигна 3940 од почетокот на епидемијата. Со вчерашната статистика за нови 734 случаи, вкупниот број потврдени заразени е 134 867 од 641 573 направени тестирања, а оздравени се 109 297.
Активни случаи во земјава има 21 630, од кои речиси половина (10 584) се во Скопје. Три града имаат четирицифрени бројки: Прилеп – 1166, Куманово – 1078 и Битола 1032, а висок е бројот и во Охрид – 896, Велес – 814, Кавадарци – 728, Тетово – 666.
Ново на Сител
-
Тензична собраниска седница за надзор на работата врз АНБ
-
Мицкоски: ДУИ е фактор на дестабилизација, за тоа е загрижена и меѓународната заедница
-
Суспендираниот Хајрулахи се жали на притисоци од државниот јавен обвинител
-
Регионална конференција за е-трговија
-
Левица бара Собранието да расправа за депонијата во Кочани
-
Преглед на вестите од светот
-
Алтернативи за прочистување на воздухот: Подготвена ли е Македонија да ги следи светските трендови?
-
Тема на денот со Имер Селмани