Македонија
17. August 2020 - 17:02

Болната и неподвижна Ленка од Прилеп не може да ја смени банката пред истекот на рокот

88 годишната прилепчанка Ленка Стојкоска, која веќе 3 години е неподвижна поради мозочен удар, пензија земала преку Еуростандард банка. Кога деновиве нејзиниот син Блаже Стојкоски сакал пензијата да ја префрли во друга банка, од сите експозитури во Прилеп бил одбиен со образложение дека поради Ковид 19 и годишните одмори немале персонал кој би можел да оди по домови и побарале неговата мајка лично да ги потпише документите. Стојкоски вели дека ова било апсурд затоа што неговата мајка, ниту зборува, ниту може да се движи, ниту пак има начин како во лежечка состојба да ја однеси на банка. 

„Како може сега ние ваков болен човек да го однесеме на банка, еве ниту зборува, ниту разбира. Што ќе видат, само еден труп што диши, ништо друго. Не може да размислува, не може да зборува, не може да пишува. За ваков случај незнам ии дали ќе дојди итна помош. А ако сите вакви случаи повикаат брза помош за да ги носат по банки итната служба во Прилеп ќе колабира затоа што ги има многу вакви болни“, истакна Блаже Стојкоски, син на Ленка Стојкоска.

За да се избегнат вакви проблеми Стојкоски предлага да се овозможи на ваквите случаи да се префрлат во друга банка со старото полномошно кое го имаат.

„Да не не терат наново да бараме полномошно по нотари, затоа што веќе еднаш имаме добиено полномошно во Еуростандард банка и врз основа на тоа полномошно ние имаме добиено идентификациони картички“, додаде Стојкоски.

Инаку денеска во Прилеп имаше огромна гужва пред сите банки каде граѓаните ги префрлаа своите сметки од Еуростандард банка. Кај дел од нив владее голема страв и многу прашања за кои им треба одговор.

„Јас знам дека ќе ни се вратат парите кои ги имаме и девизите, ама ништо не се спомнува за заостанатите пензиии кои гии имаме на трансакциската сметка, како да ги бараме, како да ги подигнеме, утре можи мене ќе мии притребаат“, Миле Мирчески, поранешен клииент на Еуростандард банка.

Инаку граѓаните треба најдоцна до 21 месецов треба да достават известување до банката преку која што би сакале понатаму да им се врши исплата на пензијата. Но што со овие случаи како Стојкоска, засега никој не дава одговор.