Мицкоски: Пратениците да се консултираат со уставни експерти пред да се носат измените за укинување на двојното државјанство
Премиерот Мицкоски им порача на пратениците да се консултираат со уставно-правни експерти пред да се носат измените на Законот, кои предвидуваат забрана за двојно државјанство на народните избраници.
Иако токму пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ стои зад предложените измени, Мицкоски апелира внимателно да го преиспитаат законското решение и да утврдат дали има правна издржаност и логика.
Во меѓувреме, од СДСМ преку амандмани предлагаат актуелните пратеници во рок од 30 дена да достават изјава, под морална и кривична одговорност, дека поседуваат исклучиво македонско државјанство. Премиерот упати критика кон опозицијата, обвинувајќи дека со ваквите предлози лицемерието го претвораат во естрада.
За укинување на техничката Влада пак, другиот предлог закон кој денеска го помина комисискиот филтер во Собранието и треба да се најде на седница, лидерот на СДСМ и постави ултиматум на власта. Доколку се укине Пржинската Влада, тие ќе се повлечат од работната група за подготовка на Изборниот законик, законско решение кое е дел од реформската агенда.
Но Мицкоски вели, и без СДСМ има кворум да се носат измените на Изборниот законик. Тој смета дека е контродикторно опозициската партија да бара фер избори, но да не сака да учествува во измените на Изборниот законик кои треба да го остварат токму тоа што го бараат.
Предлог законот за укинување на техничка влада оди на седница, додека измените на законот за пратеници кои предвидуваат укинување на двојното државјанство треба допрва да се дебатираат на Комисијата за политички систем.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
