Живот
13. March 2023 - 10:54

Богот Один се славел барем 150 години порано од укажувањата на досегашните наоди

Скандинавски археолози и научници го открија досега можеби најстариот познат натпис којшто се однесува на норманскиот бог Один. Митолошкиот лик се наоѓа на дел од златен диск ископан во западна Данска

Один бил еден од главните богови во норманската митологија и се поврзувал со војната, но и поезијата… Лизбет Имер, рунолог во Националниот музеј во Копенхаген, смета дека натписот е прилично цврст доказ дека богот Один се славел уште во 5. век во ова подрачје – барем 150 години порано од укажувањата на претходните наоди, т.е. брош најден во јужна Германија. Дискот откриен во Данска бил дел од склад со околу килограм злато, вклучувајќи тука медалјони, римски монети и накит. Сѐ тоа е најдено кај селото Винделев, средиштен Јитланд.

– Ова е еден од најдобро изведените рунски натписи што некогаш сум ги видела!, рече Имер.

Руните биле знаци за пишување што ги користеле древните племиња во Северна Европа. Кристер Васшус, стручњак за антички јазици, истакна дека рунските натписи се ретки, па секој ваков наод е од витално значење за нашето разбирање на минатото.

Во ерата на викинзите, 793 – 1066 година, Норманите презеле големи походи, освојувања, колонизација низ цела Европа, а потоа и во Северна Америка. Имале многу богови, со различни одлики, својства, слабости и предности. Врз основа на сагите и некои нови натписи со руни, се појавија сознанија дека скандинавските богови поседуваат и многу човечки особини и се однесуваат како луѓе…

– Таков вид митологија може да не одведе натаму и да нѐ натера повторно да ги истражиме сите други 200 брактеатни натписи што ни се познати, рече Имер.

Брактеат е рамен, тенок, едностран златен медал којшто се носел накит и се произведувал во Северна Европа, претежно во германското железно време. Стручњаците веруваат дека ова богатство било закопано пред 1.500 години – или за да се скрие од непријателите, или како почит за помирување со боговите. На овој новопронајден златен брактеат, натписот вели: „Тој е човек на Один“, па веројатно укажува на засега непознат нормански владетел.