Македонија
6. November 2017 - 15:14

Бочварски: Недостигаат средства за исплата на плати на општинската администрација

 Над еден милион денари недостига за општинската администрација навреме да ја земе својата плата, информираше на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски.

На сметката на општина Штип на 31 октомври, кога претходниот градоначалник си заминал имало 4.352.838 денари, но во рок од само два дена, односно до 3 ноември извршена е исплата кон градежни фирми во износ од над еден милион денари.

- Моето пристигнување во општината на 3 ноември на сметката на општина Штип 3.397.669 денари. Што значи, дека за околу еден милион денари е испразнета сметката откако е направен извештајот, со кој е излажана штипската јавност. Затоа денеска службите ме информираат дека вработените не можат да земат плата, бидејќи овие пари не се доволни за да се исплати платата, која веќе доцни, вели Бочварски.

Тој истакна дека веќе од негова страна се прават напори за да се обезбедат средствата за да општинската администрација да си ја добие заработената плата.

Бочварски вели  дека деновиве се очекува плата да добијат и околу 400 вработени во штипското Комунално претпријатие „Исар“, каде што на сметката недостасуваат уште три милиони денари. 

Тој имал средба со директорот на ЈП „Исар“, на која што бил информиран за тековните состојби во претпријатието. Во наредниот период очекува коректен однос од двајцата актуелни директори на јавните претпријатија „Исар“ и „Стипион“, а негова заложба, рече, е граѓаните беспрекорно да ги добиваат сите услуги од страна на локалната власт, навреме да се санираат дефектите на водоводната и канализациската мрежа, како и редовно да се собира сметот и Штип да има чисти улици.