Македонија
18. October 2023 - 18:40

Бочварски на работна средба со австрискиот министер Амон и со новоименуваниот амбасадор Памер

Реализацијата на капиталните проекти во изградба и унапредувањето на целокупната инфраструктура во државата, беа тема на разговор на денешната работна средба во Скопје на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски со австрискиот покраински министер за европски и меѓународни прашања на сојузната покраина Штаерска, Вернер Амон и со новоименуваниот амбасадор на Австрија во земјава, Мартин Памер.

-Драго ми што Австрија како членка на ЕУ обезбедува континуирана поддршка за Република Северна Македонија. Денешната средба со австрискиот покраински министер, Амон и амбасадорот Памер само го потврдува тоа. Средбата ја искористив да поразговараме за капиталните проекти и нивното огромно значење за регионот. Исто така ги запознав министерот и амбасадорот со крупните капитални проекти и она што планираме да го реализираме во делот на инфраструктурата и транспортниот сектор. Во земјава има голем број на австриски компании што работат и соработуваат со домашните компании и верувам дека таквата соработка ќе продолжи и во иднина изјави Бочварски по средбата.

Тој, како што кажа, ги запозна австрискиот покраински министер и амбасадорот за крупните инфраструктурни проекти што се реализираат на Коридор 8, Коридор 10 и 10-д, како главни европски коридори во регионот за кои Европската унија обезбедува поддршка.

Бочварски потенцираше дека Република Северна Македонија во делот на транспортната политика во континуитет ја усогласува легислативата со таа на Европската унија.

На средбата се отвори и прашањето за изградба на железничката пруга на источниот дел на Коридор 8, како и останатите капитални проекти со кои земјава учествува како рамноправен партнер во економското зајакнување на регионот.

Бочварски изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка и во понатамошниот период.