Преглед на вестите од светот
Албанската полиција употреби солзавец за да ги растера опозициските демонстранти кои фрлаа бензински бомби и протестираа против владата на премиерот Еди Рама, Демонстрациите се одржуваа синоќа во Тирана. Демонстрантите бараа Рама да се повлече и да се постави преодна влада до општите избори следната година, обвинувајќи ја владата за корупција, непотизам и обид да ја замолчи опозицијата. Освен што бараа оставка на Рама, демонстрантите, се против куќниот притвор на водачот на опозициската Демократска партија, Сали Бериша.
Повеќе од 1.000 полицајци беа распоредени низ Тирана додека илјадници поддржувачи на опозицијата чекореа по улиците, фрлајќи бензински бомби и камења. Некои ги крешеа рекламните паноа и билбордите, а палеа и контејнери за ѓубре. Полицијата информираше дека 10 полицајци се здобиле со повреди.
Синоќа сирените се огласиле во централниот дел на Израел откако беа идентификувани неколку лансирани проектили кои преминале од Либан на израелска територија.
Хамас, го нападна Тел Авив со ракети, а две лица се полесно повредени, соопшти израелската служба за брза помош. Израелскиот одбранбен систем „Железна купола“ се активираше и во Хаифа. Израелската војска спроведува воздушна кампања во Либан, наречена „Стрели на северот“ од 23 септември. Пламени од експлозии беа забележани синоќа во крајбрежниот град Тир во Либан.
Израелската војска соопшти дека воздухопловните сили извршувале екстензивни бомбардирања на цели на Хезболах во јужен Либан и дека двајца израелски војници биле убиени, со што билансот на израелските воени жртви во Либан достигна 11. Напади имаше и врз јужните предградија на Бејрут, каде граѓаните се позитивни и очекуваат состојбата да се стабилизира.
Бројот на загинати од октомври минатата се искачи на 2.083, а близу 10.000 се повредени, објави либанското Министерство за јавно здравје. Раселените жители на Газа со седиште во Кан Јунис повторно беа во движење во текот на вчерашниот ден, по засилените напади на Израел.
Ураганот Милтон се засили во бура од 5-та категорија претставувајќи закана на пат кон Флорида, каде што државата нареди масовна евакуација, додека сè уште се опоравува од уништувањето на ураганот Хелен.
Милтон беше класифициран како тропска бура во неделата но за помалку од 24 часа, „експлозивно“ се претвори во бура од петта категорија - трета најбрзо засилувачка бура досега во Атлантскиот Океан. Ураганот Милтон најверојатно ќе ослабне до моментот кога ќе дојде до Флорида во среда.
Центарот за урагани предвидува дека бурата најверојатно ќе погоди во близина на градското подрачје на заливот Тампа, регион каде живеат близу 3 милиони луѓе.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар