Бизнис
19. August 2021 - 16:39

Бизнисот збунет од мерките на Владата - треба ли вработените да бидат вакцинирани?

Селективни, дискриминаторски и неприменливи во пракса кои ќе го отежнат работењето на фирмите. Вака Сојузот на Стопански Комори ги оцени донесените владини мерки, кои, според нив, оставаат простор за произволно толкување. Бараат прецизно и јасно дефинирање на истите, како и објаснување, зошто да не важат и за јавните институции и јавниот превоз?

„Во овој момент во пракса се случува при инспекциски надзор да се бара потврда за вакцинација за сите лица во објект, не правејќи разлика меѓу вработени и посетители, со што постои потенцијална можност за ограничување на правата на личен избор на лицата вработени дали да се вакцинираат, за што се бара прецизирање и јасно објаснување дали влезот во објект е слободен за секој кој поседува доказ за имунизација или од ова се исклучок лицата во работен однос во овие објекти. Недореченоста на мерките од страна на владата во незавидна положба ги става и работодавачите кои не знаат дали и како треба да постапуваат“, изјави Александра Андреева од  ССК.

И од Асоцијација на ивент индустријата остро реагираат на недоречености на мерките против Ковид. Прашуваат дали само посетителите на настан треба да поседуваат потврда за прележан ковид или вакцинација или ќе се бара за сите вклучени на настанот (техничкиот тим и учесниците), како ќе се третираат настаните што се без влезници, во парк или на плоштад, дали од секој што ќе помине на настанот ќе треба да се бара потврда, дали имаат право да легитимираат и кој ќе одговара доколку некој прикажал лажна потврда.

По примерот на други земји, за да не се откажуваат веќе закажаните свадби или настани, бараат да се дозволи влез со негативен ПЦР тест или брзи тестови на влез.

Новите мерки негативно влијаат и кај приредувачите на игри на среќа. Втор ден бележат драстичен пад на прометот, што ќе го доведе во прашање опстанокот на овој сектор. За да продолжат со работа и да ги задржат сите вработени, бараат владата да им дозволи он лајн обложување. Лани, кога времено им беше дадена ваква можност, во буџетот се слеале 100 милиони денари или 1,6 милиони евра.

- Во периодот додека на важност беше Уредбата, според пресметките на АСОМ, од мај до декември 2020 година, од 4-те посто посебна давачка за он-лајн се слеале околу 35 милиони денари, а од 15-те посто данок на личен доход, околу 65 милиони денари, или вкупно 100 милиони денари за пет месеци, само од он-лајн. Перспективно, само од оваа услуга, државата би инкасирала многу поголеми средства во буџетот. 

Во овој сектор работат 3.500 лица, а само од даноци и придонеси во буџетот од нив се слеваат над 250 милиони евра годишно. Годишно пак, државата губи до 50 милиони евра од играчите кои се обложуваат на странски сајтови.