Македонија
17. April 2017 - 8:38

Битолскиот театар гостува во Санкт Петербург со „Шекспир засекогаш“

Ансамблот на Народниот театар-Битола вечер во театарот „Вера Комисаржевскаја“ во Санкт Петербург ќе го изведе музичко-сценскиот перформанс „Шекспир засекогаш“, што е прво меѓународно гостување на оваа национална установа во 2017 година. 

Копродукцискиот перформанс е во изведба на актери од Битолскиот театар и од рускиот театар-домаќин „Вера Комисаржевскаја“. Во меѓувреме извршено е дополнување и ќе биде изведен во форма на маратонска актерска манифестација посветена на Шекспир, истакна Валентин Светозарев, директор на НУ Народен театар-Битола на прес-конференција по повод гостувањето. 

- Во Санкт Петербург ќе настапиме пред полна сала бидејќи покрај за актерите голем интерес има и за битолската група „Фолтин“. Освен во музичко-сценскиот дел, таа ќе приреди и посебен концерт за руската публика. Во претставата ќе настапат многу актери од Македонија и Русија, но како почесен гостин ќе настапи и народниот актер, некои го нарекуваат и актерска икона во Русија, Ивак Краско, кој иако има 89 години, се уште е активен, посочи Светозарев.

Заедно со актерите од Русија ќе настапат и битолските актери Соња Михајлова, Катерина Аневска, Никола Пројчевски, Александар Димовски и други членови на ансамблот.

Народниот театар-Битола оваа пролет ќе настапи и во Канада.