Би-Би-Си: Унгарскиот модел за поттикнување на наталитетот не ги исполни очекувањата

Унгарскиот експеримент за зголемување на наталитетот преку финансиски стимулации, воведен од владата на тогашниот премиер Виктор Орбан во 2010 година, не ги постигна долгорочните цели, објави Би-Би-Си.Стапката на фертилитет во земјата се зголеми од 1,25 деца по жена во 2010 година на 1,59 во 2020 година, но до 2025 година повторно падна на 1,31, што е блиску до почетното ниво.
„Судејќи според поставените цели, ова недвосмислено е неуспех“, изјави демографот Томаш Соботка од Виенскиот институт за демографија.
Владата на Орбан воведе бескаматни кредити, даночни олеснувања, субвенции за станбени кредити и финансиска помош за купување поголем автомобил или за реновирање домови, кои им беа достапни на брачните хетеросексуални двојки кои ќе се обврзат дека ќе имаат деца.
Трошоците за овие мерки достигнуваа околу пет проценти од бруто-домашниот производ.
Дел од експертите сметаат дека мерките спречиле уште подраматичен пад на наталитетот.
Но, критичарите, меѓу кои и Ева Фодор од Централноевропскиот универзитет, тврдат дека политиките само ги поттикнале луѓето да имаат деца нешто порано од планираното, без да го зголемат нивниот вкупен број.
Професорот Јанош Тот од Универзитетот во Сегед смета дека стимулациите најмногу ѝ помогнале на пониската средна класа во внатрешноста, додека во градовите, каде што наталитетот е најнизок, финансиската поддршка не била доволна.
Унгарското искуство не е изолиран случај. Јужна Кореја потроши повеќе од 215 милијарди фунти за поттикнување на наталитетот, но стапката на фертилитет таму падна на 0,8 во 2025 година.
Според Соботка, по пандемијата, наталитетот се намали во повеќето земји поради карантините, нестабилноста и економските кризи. Војната во Украина и глобалната инфлација дополнително ја влошија ситуацијата, а државите кои се најблиску до конфликтот забележаа најостар пад.
Скандинавските земји, кои воведоа споделено родителско отсуство и достапни услуги за грижа за децата, се покажаа поотпорни на длабок пад на наталитетот, иако и таму стапките се намалија.
Израел, единствената земја во ОЕЦД (OECD) со наталитет над нивото на проста репродукција на населението, тоа го постигнува не преку високи државни трошоци, туку преку силен културен фокус кон семејството.
За многу родители во Унгарија вистинската пречка не се финансиите, туку квалитетот на здравствениот и на образовниот систем. Антонија Мишколци, 29-годишна мајка од Будимпешта, вели дека нејзината загриженост за здравствениот систем имала поголемо значење од финансиските поттикнувања.
Фодор смета дека унгарските политики дополнително ја зацврстија претставата дека жените се главните негуватели во семејството, со што родовите улоги станаа поригидни.
Случајот на Барбара и Леви Елек од Дебрецин ја покажува и другата страна на проблемот. Двојката земала кредит од 10 милиони форинти со обврска да има две деца, но по неуспешниот обид за ин витро оплодување, сега се соочува со можност да го враќа заемот со казнена камата.
Според Унгарската народна банка, секоја петта двојка што земала ваков кредит пред пет години останала без деца.
Новата влада на Петер Маѓар соопшти дека ги преиспитува овие политики.
Ново на Сител
-

Претрес во Гостивар – пронајдена дрога, уапсени три лица
-

Лукашенко за заканите од Зеленски: Можеби нешто пушел или си вбризгал па дава такви изјави
-

На ГП „Богородица“ и „Дојран“ се чека околу 40 минути за излез од државава
-

Националното разузнавање на САД објави тајни документи за Ковид-19: Народот заслужува да ја знае вистината
-

Денеска попладне во Скопје ќе се одржи Парада на гордоста
-

Зеленски му се закани на Лукешенко: Имате една недела или ќе преземеме акција
-

САД и Иран ги продолжуваат мировните преговори во Швајцарија
-

Tоварен воз падна од мост во Минхен
