Свет
6. September 2023 - 9:00

Би-би-си: Платеничката група „Вагнер“ ќе биде прогласена за терористичка во Велика Британија

Руската приватна воена компанија „Вагнер“ ќе биде прогласена за терористичка организација од страна на британската влада, јави Би-Би-Си, повикувајќи се на нацрт-документ.

Предлогот предвидува можност имотот на Вагнер да се категоризира како да и припаѓа на терористичка организација и да се заплени. Дополнително, од гледна точка на британското законодавство, ќе стане незаконски да се биде член на „Вагнер“ и да се изразува поддршка.

Британскиот министер за внатрешни работи Суела Браверман за Би-Би-Си изјави дека Вагнер сее „насилство и уништување...и е воено орудие на Владимир Путин“. „Тие се терористи, просто и јасно“, истакна Браверман.

Прогласувањето на „Вагнер“ за терористичка организација ќе значи дека сега ќе биде кривично дело во таа држава да се рекламира приватната воена компанија, да се организираат нејзините настани и да се прикажува нејзиното лого на јавни места.