Белгија меѓу глобалните лидери во родовата еднаквост – од 20 министри, 11 се жени
Белгија важи за земја лидер во родовата еднаквост, постигнувајќи голем напредок во однос на правата на жените, но активистите за родова рамноправност посочуваат дека земјата има уште доста работа на тој план особено во услови кога жените секојдневно се соочуваат со дискриминација – од полово базираното насилство, па до разликите во платите во однос на мажите и учеството во носењето важни одлуки.
– Белгија има меѓународна репутација како заштитник на родовата еднаквост и правата на жените.
Белгија е вклучена во различни европски и меѓународни форуми и може да преземе активности во овој контекст за промовирање на родовата еднаквост и борба против родовото насилство.
Оваа позиција е уште поважна во услови кога се зголемуваат конзервативните тенденции и антиродовите движења, се оценува во Меморандумот на Институтот за еднаквост на жените и мажите (ИГВМ) објавен минатиот месец.
Во Извештајот за јазот меѓу половите на Светскиот економски форум за 2023 година, како што јави дописникот на МИА од Брисел, Белгија е рангирана на 10-то место од 146 земји во светот според родова еднаквост, што претставува скок за четири места споредено со претходната година.
Рангирањето е вршено според четири главни критериуми – економска партиципација, образовни достигнувања и здравствено и политичко зајакнување, за што Белгија е оценета со 79,6 индексни поени од можни 100.
Во рамките на ЕУ, пак, Белгија е на петтото место според Индексот за родова еднаквост со 76 индексни поени од можни 100, што е за 5,8 поени над просекот на Унијата.
Критериуми за ова рангирање се степенот на дискриминација, родовото насилство, половата еднаквост на пазарот на труд, родовите аспекти во главните државни политики и нивото на здравствена заштита.
Во однос на родовата дискриминација Белгија презеде значителни чекори, како подобра заштита на работничките од дискриминација поврзано со нивните семејни обврски, препознавање на повеќекратна дискриминација и прогласување за казниво дело на упатувањето пораки со сексуална конотација без претходна согласност.
Сепак, според Институтот за еднаквост на жените и мажите, Белгија има уште многу работа за зајакнување на борбата против дискриминацијата.
– Сексистичкото однесување се уште е евидентно во секој аспект од секојдневниот живот, смета Институтот.
Со зајакнувањето на правната рамка против дискриминација и проширувањето на заштитените критериуми во Белгија секоја година се зголемува бројот на пријави за дискриминација, што, според активистите за правата на жените, наметнува зголемена потреба за поддршка на жртвите.
Формите на родово базирано насилство се манифестираат од фемицид и силување, па до недолично однесување и сексуално вознемирување преку Интернет.
Минатата година во Белгија е усвоен Законот за запирање на фемицидот, како е единствен од таков тип во Европа, кој предвидува бројни мерки за спречување и борба против родовото насилство, вклучително и жените да можат дискретно да повикаат полиција доколку се чувствуваат загрозени од нивните поранешни партнери, како и обуки за социјалните работници, судиите и полицајците за препознавање на сите форми на насилство.
Во Белгија годишно во просек се пријавуваат по околу 4.
000 силувања, бројка која според експертите е значително помала од реалната, бидејќи многу случаи на силување или сексуален напад воопшто не се пријавуваат.
Во рамки на борбата против сексуалното насилство, Белгија отвори и голем број центри за згрижување на жртвите, каде тие можат да добијат медицинска и психосоцијална помош 24 часа во текот на денот, но да поднесат пријава за силување.
Со измените на белгискиот Кривичен законик, основен принцип за дефинирањето на силувањето е „согласноста“ за сексуалниот чин.
Дополнително, според Институтот за еднаквост на жените и мажите, Белгија треба да работи на гарантирање на сексуалните и репродуктивните права, на подобрување на менталното здравје, како и на пристапот до контрацепција и абортус.
Абортусот во Белгија е дозволен до 12-те недела од бременоста, но уште од 2019 година е иницирана дебата за промена на овој рок до 18-та недела, иако засега нема консензус меѓу носителите на одлуки за ова прашање.
Во однос на пазарот на трудот во Белгија се видливи многу родови нееднаквости, од разлики во платите и пензиите меѓу мажите и жените, па до недоволна застапеност припадничките на женскиот пол на раководни позиции, а утврдена е и хоризонтална сегрегација, односно нееднаква распределба на обврските во домаќинството меѓу половите.
Според експертите, сите овие нееднаквости водат до зголемен ризик од сиромаштија на жените, особено на оние со мигрантско потекло, повозрасните и на жени од еднородителски семејства.
Според Институтот за еднаквост на жените и мажите, неопходна е поголема родова еднаквост на пазарот на трудот и воопшто во рамките на економијата во Белгија, за да можат жените да постигнат поголема економска независност и работата да биде двигател на еманципацијата, па за таа цел мора да се постигне поголема еднаквост во вработувањето врз принципот на стручност.
За да постигне поголема застапеност во раководните тела на компаниите Белгија во 2011 година донесе закон за родови квоти во управните органи, благодарение на кој учеството на жените во управните одбори на фирмите од осум отсто во 2008, сега достигна 33 проценти.
И белгиска Влада направи значителни чекори за поголема родова еднаквост со вклучувањето на голем број жени како во владиниот Кабинет, така и на раководни позиции во државните органи и институции.
При изборот на сегашната Влада во неа имаше 10 министри и 10 министерки, а по именувањето на Никол де Мур за раководител на ресорот за азил и миграција на местото на Сами Махди, односот е 11 према 9 во корист на жените.
Ваквиот резултат многумина му го припишуваат на белгискиот премиер Александер Де Кро кој важи за голем поборник на родовата еднаквост.
Тој дури во 2018 година ја издаде книгата „Ера на жените: Зошто феминизмот ги ослободува и мажите“, во која се заложи за именување на поголем број жени на раководни позиции.
Сепак, од седумте вицепремиери во белгиската Федерална влада, само една е жена, што според активистите за правата на жените, е показател дека „во пракса најважните одлуки во Белгија и натаму да ги носат мажите“.
Ново на Сител
-
Околу 18.000 Сиријци се вратија дома по падот на Асад
-
Сиљановска Давкова: Треба да ги тераме ЕУ реформите, Европајнин се станува со почитување на правото
-
Тошковски: Прашањето не е дали, туку кога Груби ќе се најде пред лицето на правдата во нашата држава
-
Димитровска: Нема судир на интереси во случајот со членот на ДКСК и директорот на АНБ
-
АМСМ: Забрана за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Тетово – Попова Шапка
-
Скопјанка измамена за 45.000 денари - ја излажале дека ќерка ѝ предизвикала сообраќајка
-
Пронајдена уште една црна кутија на местото на авионската несреќа во Казахстан
-
Бегајќи од полицијата, предизвикал две сообраќајки - лишен од слобода млад скопјанец