Бела Куќа: Признанието на Флин го обвинува само него
Белата куќа соопшти дека признанието на поранешниот советник за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, Мајкл Флин дека лажел за контактите што ги имал со рускиот амбасадор во Вашингтон, се однесуваат само на него и на никого друг.
- Ништо, во врска со ова признание на вина или обвинение, нема никаква врска со никој друг, освен со Флин. Лажните изјави (кои ги дал на ФБИ) се во согласност со лажните изјави дадени на претставници на Белата куќа, поради кои тој поднесе оставка во февруари оваа година, изјави адвокатот на Белата куќа, Таџ Коб.
Според Коб, признанието на вина од страна на Флин „го расчистува патот до брз и разумен заклучок".
Трамп, за време на состанокот со либискиот премиер Фаес Сераџо во Белата куќа ги игнорираше новинарските прашања во врска со признавањето вина од страна на Флин.
Флин, денеска се изјасни за виновен по обвинението дека го лажел ФБИ за неговите контакти со рускиот амбасадор во САД, како што тврдеше Канцеларијата на специјалниот истражител за случајот во судските документи објавени во петокот.
Тој, меѓутоа, тврди оти тимот на Трамп му наложил да контактира со руските претставници.
Пензионираниот генерал Флин, беше разрешен од функцијата советник за национална безбедност во Белата куќа во февруари годинава, откако беше откриено дека не го информирал потпретседателот Мајк Пенс за неговите контакти со рускиот амбасадор.
Тој е главна фигура во федералната истрага за влијанието на Русија на претседателските избори во 2016 година во САД и можната соработка со кампањата на Трамп, што ја води специјалниот обвинител Роберт Мјулер.
Неговата канцеларија го обвини Флин дека го лажел ФБИ во изјава дадена на 24 јануари годинава.
Флин ги излажал агентите на ФБИ дека во декември 2016 година не побарал од рускиот амбасадор во САД да се воздржи од ескалација на ситуацијата откако Вашингтон и воведе санкции на Москва, тврди Мјулер во обвинението.
Санкциите беа воведени од претседателот во заминување Барак Обама.
Поранешниот советник на Трамп, исто така, лажел дека не се сеќава на тоа оти рускиот амбасадор изјавил дека Москва решила да биде умерена во својот одговор на американските санкции, поради барањето на Флин, се наведува во обвинението.
Во него, исто така, се наведува дека Флин излажал оти претходно не побарал од рускиот амбасадор Русија да го одложи гласањето или да гласа против една резолуција на Советот за безбедност на ОН и дека амбасадорот никогаш не го пренел рускиот одговор на тоа барање.
Ново на Сител
-
Мицкоски: Срамно е однесувањето на големите трговци, ДПИ во засилени контроли на цените пред празниците
-
СДСМ: Новогодишната кошничка е измама, граѓаните секој ден се посиромашни
-
Мицкоски: Нема никакви основи Артан Груби да добие политички азил
-
Мисајловски најавува нови вработувања и модернизација на армијата следната година
-
Преглед на вестите од светот
-
Ахмети: Од Законот за јазици не смее да се смени ниту точка ниту запирка, ќе биде пружен „невиден отпор“
-
Тема на денот со Нуман Куртулуш, претседател на националното Собрание на Турција
-
Поскапува животот во Македонија, граѓаните велат новогодишната кошница е игра и замајување