Балкан
10. September 2021 - 8:10

Баша го повлече Бериша од пратеничката група: Најтешката одлука во мојот живот

Поранешниот албански претседател, експремиер и почесен претседател на албанските демократи, Сали Бериша, нема да биде дел од новиот законодавен дом иако на изборите на 25 април обезбеди пратенички мандат, објави синоќа лидерот на партијата Љуљзим Баша.

Додаде дека Демократската партија (ПД) е најпроамериканска и најпроевропска партија, зборувајќи за одлуката на Стејт департментот, со која Бериша и неговото семејство се прогласени за „персона нон грата” и барањето на американската амбасадорка Јуриј Ким да го повлече од пратеничката група.

– Имав голема среќа и одговорност да ја водам Демократската партија во овие години и да се соочам со предизвици, одговорности, силни одлуки, политичка и лична цена. Имаше убави и тешки моменти за време на ова патување. Направив се така што во секоја одлука, како лидер, го имав предвид интересот на Албанија, интересот на Демократската партија, интересот на демократите и албанските граѓани, почитта и благодарноста за пожртвуваноста на секој демократ, наведува Баша.

За жал, додава тој, кога сите очекувале прстот на одговорноста да биде вперен кон Еди Рама „авторот, егзекуторот и соработникот во изборниот масакр на 25 април, кој во изминатите 8 години, поради масовната корупција во секој сектор и врските на моќта со организираниот криминал, ја уназади Албанија во спроведувањето на реформите потребни на земјата, како членка на НАТО и аспирант за земја членка на Европската унија, дошла веста за прогласувањето на Бериша за персона нон грата.

– Ова беше еден од најтешките моменти за мене, како претседател на Демократската партија, како демократ, како еден од вас, но и како близок соработник на господинот Бериша. Ова не само за фактот дека она што тој го претставува за мене, како Љуљзим Баша, или за секој демократ, туку и за фактот дека јас сум сведок како негов соработник, како и многумина од вас, колку беше важна и вредна за Сали Бериша, заштита на јавниот интерес и чесното служење во интерес на албанските граѓани, посочува Баша.

Тој нагласи дека Бериша нема да биде дел од пратеничката група на ПД, до „целосно расветлување на одлуката на Стејт департментот, каде ќе се разјасни целата вистина”.

Веднаш реагираше Бериша, кој меѓу другото обвини дека со оваа одлука Баша не го убил само него туку и целата Демократска партија, дека станал сателит на Еди Рама и најави дека независно од одлуката тој ќе биде на денешната конститутивна седница на новиот законодавен дом, за каде поддршка и доверба му дале граѓаните.

– Нема никаква дискусија, ќе одам во парламентот. Јас не го избрав Баша за претседател на Демократската партија, туку членовите на Демократската партија со отворен конкурс. Со оваа одлука, за сопствени интереси, го зададе најголемиот удар врз ДП и Албанија. Ова е само фасада на опозицијата, рече Бериша.

Според познавачите на состојбите во редовите на демократите, со одлуката на Баша не се согласуваат најмалку десеттина пратеници, со кои, сметаат тие, Бериша најверојатно ќе формира независна пратеничка група.