Бизнис
20. September 2019 - 18:16

Автоувозниците го поддржаа новиот закон за данок на моторни возила

Електричните возила ќе бидат изземени од обврската за плаќање данок, а за останатите категории на возила ќе биде подготвена посебна методологија за пресметка на данокот при увоз каде ќе се земе предвид и емисијата на јаглероден диоксид што ја испушта возилото.

Ова е предвидено со новиот закон за данок на моторни возила што го подготви Царинската управа, а кој вчера беше презентиран пред импортерите на моторни возила.

Во законот се предлага возилата за достава од типот „ван” и комби возилата кои спаѓаат во категоријата на товарни возила и се наменети за превоз на стоки да се изземат од плаќање на данок на моторни возила. Патничките комби возила за превоз на осум или девет патници, амбулантните возила, возилата за превоз на починати лица и кампер возила исто така се изземени од обврската за плаќање данок или е предвиден поврат на дел од платениот данок за моторни возила.

За останатите категории возила, како што денеска соопшти Царинската управа, е подготвена посебна методологија за пресметка на данокот при увоз при што ќе се зема предвид и емисијата на јаглерод диоксид што ја испушта возилото.

Начинот на пресметка ќе биде преточен во посебна уредба што ќе ја донесе Владата. Според новата методологија, еколошките возила кои се и технолошки понови добиваат бенефит во рамки на одданочувањето наспроти возилата со иста вредност, кои се технолошки постари и се со повисоки емисии на јаглерод диоксид.

Заради усогласување со препораките и праксата во повеќето земји на ЕУ, воведени се нови категории возила кои се предмет на даночење, мотоцикли и скутери со зафатнина над 50 кибни сантиметри, четирицикли или „АТВ”, „пик-ап” возила.

На вчерашната средба, како што велат од Царинската управа, новиот Предлог-закон бил поддржан од увозниците на нови возила.

Според податоците на Царинската управа, минатата година биле увезени 37.000 возила. Од нив, 88 отсто биле стари употребувани возила, а речиси 90 проценти биле дизел возила.

Царинската управа најавува слични средби и со увозниците на стари возила и невладините организации кои делуваат во насока на заштита на животната средина.