Македонија
3. November 2018 - 11:49

Асфалтиран патот од месноста Крушка кон селото Полаки

Општина Кочани го заврши пробивањето и асфалтирањето на првата етапа од патот од месноста Крушка кон планинското село Полаки во должина од околу еден километар.

За реализација на градежните активности беа инвестирани 4,5 милиони денари, од кои половина се обезбедени од Бирото за регионален развој, а остатокот е од буџетот на Општината.

– Нашата заложба е да овозможиме квалитетно сообраќајно поврзување на селото Полаки кое, според површината што ја зафаќаат неговите маала, е најголемо во Осоговијата. Се работи за еколошки чист предел, во кој населението инвестира во пчеларство, сточарство и производството на здрава храна. Заедно со инвестирањето во изградбата на браната Речани, очекуваме овој планински регион повторно да заживее, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Во наредниот период се планира да се завршат уште две етапи со должина од еден и пол километар од патот кон училиштето во Полаки.

Поднесена е и апликација до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за асфалтирање на дел од патот од месноста Крушка кон селото Костин Дол.