Македонија
14. October 2021 - 13:33

Арсовска: СДСМ се плаши од ревидирање на работата на Град Скопје

Независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, обвинувањата на СДСМ, дека таа менаџирала со спортска сала во Расадник, ги смета како реакција на нејзината најава дека ќе го ревидира сето она кое што е направено во Град Скопје и дека оние кои што потрошија четири буџети во четири години во Град Скопје ќе си имаат соодветна одговорност.

Арсовска потенцираше дека овие обвинувања од страна на СДСМ се поради страв од тоа што таа го објавила само еден час претходно, каде што најавила дека ќе следи ревизија на тоа каде се трошеле парите на скопјани изминатите четири години.

– Стравот и нервозата се тие кои што предизвикаа некој за еден час да трча и да излегува со лажни обвинувања и со нешта коишто навистина се небулозни, за кои денеска ќе си следи соодветна тужба. Јас немам намера на два дена пред завршувањето на овие избори, односно пред моментот кога скопјани ќе имаат можност да одлучуваат, да се објаснувам со луѓе кои бесрамно лажат за да го скријат својот срам и за луѓе кои сакаат да си ги скријат криминалите. А срамот, стравот и ова безобразие сите скопјани го гледаат. Она кое што мора да се знае е дека 42 години немам никаква дамка, ниту лично, ниту професионално, а доколку би имала, не би се впуштила во ваква трка да се натпреварувам со вакви бесрамни луѓе коишто четири години го трошат Буџетот на скопјани и ниту еднаш не дадоа отчет каде отидоа овие пари, а ни едно од ветените нешта во програмата во 2017-та година не реализираа, изјави Арсовска.

Арсовска најави тужба за изнесените лаги и невистини врз неа на само два дена пред гласањето за претстојните локални избори од страна на СДСМ, додавајќи дека 42 години нема никаква дамка во нејзината кариера, порачувајќи дека ниту една клевета против неа нема да ја натера да се откаже од тоа после 17-ти октомври да се направи ревизија каде завршиле парите од продадената Градска куќа, како и парите на скопјани.

– И затоа ќе си следи тужбата денеска за овие кои што лажат и манипулираат и кои што во 42 години немаа никогаш ништо да кажат лошо за мене, а тоа го вадат поради тоа што се уплашија затоа што им реков дека ќе им го ревидирам работењето и ќе си има одговорност за овие кои што четири буџети на граѓаните ги потрошија. Тужбата ќе си го покаже своето. Значи немам намера некој да фрла дамка на мене по 42 години за нешто за кое треба јас да се докажувам по медиуми. Тие ќе си кажат после 17-ти октомври каде се парите на граѓаните и нема да се откажам од тоа и џабе што и да направат во следните два дена за да фрлат на мене, треба да знаат дека нема да се откажам, рече Арсовска.

Таа посочи дека никакви притисоци нема да предизвикаат да потклекне.

-Има уште два дена додека да дојдат промените и ќе ги отвориме книгите и ќе видиме многу убаво каде се парите на граѓаните, каде се средствата од продажбата на Градската куќа, каде се четири буџети потрошени на скопјани за проекти кои што ги ветија во 2017тата а не реализираа ниту 5 проценти од тие проекти, изјави Арсовска.