Македонија
24. November 2022 - 14:56

Арсовска: Приватните превозници наплатувале билети, а парите не ги пријавувале

Приватните превозници од 2017 година наплатувале билети и парите не ги пријавувале, а фактурирале по 400 илјади евра од ЈСП секој месец, изјави денеска градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, посочувајќи дека оваа шема најверојатно траела пет години. Град Скопје, како што информира, има изготвено нов јавен повик каде што приватните превозници ќе имаат можност поединечно да аплицираат за линија.

– „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ од крајот на 2017 година се до овој момент немаат пријавено во продажба ниту еден продаден билет кај приватните превозници кои се членови на овие две здруженија, иако пријавувале дека возеле околу 400  илјади километри на месец и за ова пресметувале по едно евро за извозен километар којшто го фактурирале во ЈСП. Во меѓувреме, од 2017 до 2022 година не пријавиле ниту една продадена карта во автобус на Слобода превоз и Макекспрес, истакна Арсовска.

Додаде дека во прилог на ова оди и фактот што од 2017 година, ги немаат фискализирано автобусите така што парите што ги генерирале, завршиле некаде.

Според Арсовска, ова не е само злоупотреба, туку и сериозно затајување на данок којшто не е платен во изминатите пет години.

Таа рече дека немаат увид на кој начин им се распределувале средствата на приватните превозници од страна на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ и дека со тоа треба да се занимаваат надлежните институции.

– Веруваме дека најголем дел од превозниците кои се членови на овие здруженија се чесни луѓе. Ние комуницираме со дел од нив, успеавме да видиме дека тие навистина се луѓе коишто заработуваат за леб, не се луѓе коишто се богатат на грбот на граѓаните. Меѓутоа некој ја злоупотребува оваа нивна позиција. Ја злоупотребува за политички цели и за да го прикрие сопствениот криминал, нагласи Арсовска.

Најави дека нема да бидат премолчени злоупотребите на овие здруженија и дека ќе покренат соодветни постапки по изготвување на финалниот ревизорски извештај.

– Град Скопје изготви нов јавен повик каде што на секој од сегашните поединечни превозници ќе му биде понудено директно и индивидуално да аплицира, да си добие линија со исполнување на условите коишто ќе бидат во јавниот повик и да си работи чесно за да може да обезбеди соодветен јавен превоз, рече Арсовска.

Според неа, една од причините зошто ЈСП е загубар, покрај тоа што ова претпријатие било поддржувано со огромна сума на средства од централната власт, е затоа што имаат дополнителен одлив на средства од овој тип на злоупотреби.