Македонија
18. December 2023 - 16:33

Арсовска не кажува кој го украсува Скопје за 30 илјади евра, на граѓаните не им се допаѓаат декорациите

„Елко, елко, порасни уште две-три педи за да може Дедо Мраз дарови да реди.“

Ова е елката што годинава ќе го краси центарот на Скопје. Пониска од кога било, со неколку ѕвончиња и лампиони. 

Качени на скала, работници кои не сакаа да кажат од која фирма се, забрзано редеа украси кон врвот.

Елката е толку мала, што дури не се забележува доколку сте на другата страна на Плоштадот.

„Порано сме имале елка голема, па плоштадот да биде тука ослободен да можат да се движат луѓе, да речеме. Елката не ја гледам каде е...малечка многу, не сум ја видела.“ 

До полунакитената елка, стојат чизма и капа од Дедо Мраз и уште неколку поголеми украси. Над нив, пак, висат сијалички. И тоа е се. Граѓаните се незадоволни. Велат дека декорациите не им се допаѓаат.

„Затоа што е бедно, мизерно...ама можеби таков е тендерот. Би требало да биде велелепно. Пред минатиот викенд бев во Солун. Приказна е. Ова е одвратно.“

„За се има, а за оваа работа, еднаш во годината да нема. Како е можно тоа, јас не знам. Прво е доцна, многу работи недостасуваат. Една Крива Паланка кое е мало место, мал град, прочитајте да видете како е направено, јас сум бил да видам. Многу интересно.“

„Мене не ми се допаѓа.“

„Па не е баш убава елката, ама ќе биде ваљда.“

Околку фонтаната во која неколкупати пропаѓаа возила, наредени се дрвени куќарки. Тие се уште не работат.

„Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, рече дека украсувањето годинава ќе чини 30 илјади евра. Која фирма е избрана за декорирање, се уште е непознато“

На страната на Бирото за јавни набавки не постои договор за украсување или купување украси. Од Град Скопје не кажуваат информации ниту за дочекот на 31 декември.

Откако јавноста реагираше дека само во Скопје нема новогодишна атмосфера, Арсовска минатата недела на ФБ напиша дека Градот ќе блесне на 15-ти декември, но и три дена по истекот на овој рок, украсувањето се уште не е завршено.