Апарат кој го олеснува дишењето кај предвремено родените бебиња доби Детската клиника

Опрема за реанимација со неинвазивна респираторна поддршка, наменета за предвремено родени деца, односно доенчиња кај кои е потребно подобрување на волуменот на белите дробови, доби денеска Универзитетската клиника за детски болести. Станува збор за донација добиена со поддршка од Германската амбасада и проектот Хопе.
По повод донацијата, министерот за здравство Венко Филипче и германскиот амбасадор Томас Герберих денеска го посетија Одделот за интензивна нега и терапија на Клиниката.
Министерот Филипче му се заблагодари на амбасадорот за поддршката која ја даваат за проектот ПериМак, кој, како што рече, е еден од приоритетните проекти, а се однесува на намалувањето на новороденечката смртност. Посочи дека станува збор за донација на посебен апарат со кој се олеснува дишењето пред се кај предвремено родените бебиња, но и кај доенчињата на кои им е потребна ваков вид поддршка.
- Со овој проект значајно се подобруваат капацитетите, но и потенцијалите на нашите јавни здравствени установи посебно во сферата на неонатологијата. Се надевам дека ова е почеток на една значајна соработка со Германската амбасада и продолжување на проектот кој почна како соработка меѓу Министерството за здравство и Фондацијата проект Хопе, додаде Филипче.
Амбасадорот Герберих истакна дека голема чест и задоволство му е што со средствата од малите проекти на Германската амбасада имале можност да се вклучат во еден проект со кој го поддржале Одделот за интензивна нега и терапија на Детската клиника.
- Ова е уште еден знак дека Македонија и Германија имаат многу добра соработка и на овој начин сакаме да покажеме дека не водиме само голема политика, туку помагаме конкретно на места каде што тоа е потребно, додаде Герберих.
Директорката на Клиниката за детски болести, Катарина Ставриќ се заблагодари за донацијата и посочи дека пријателството со Германската амбасада е постојано. Изрази надеж дека соработката ќе продолжи и понатаму.
- На Одделот за интензивна нега и терапија има 16 деца, а најмалото родено во 28 гестациска недела има 450 грама и навистина е голем успех и на овие предвремено родени да им дадеме шанса да преживеат. Станува збор за близначка бременост, едното дете веќе е горе на Одделот, а второт се уште има потреба од поддршка, додаде Ставриќ.
Ново на Сител
-

Зеленски: Ги сменив Федоров и Сирски за доброто на нацијата
-

„Бе-ем-ве“ повлекува повеќе од 744.000 возила низ светот поради ризик од пожар
-

Филмот „Одисеја“ со рекордни 87 милиони долари заработка за време на вториот викенд
-

Општина Куманово ги повика граѓаните да пријават штети од невремето
-

Пирло: Секогаш сум дејствувал во целосна согласност со условите на договорите што ги потпишав
-

Турција испраќа авиони Ф-16 во Естонија за заштита на воздушниот простор над Балтикот
-

Водата во Скопје е безбедна за пиење
-

Две лица загинаа во вооружен инцидент во Сиетл
