Македонија
30. October 2015 - 14:47

Анкетите покажуваат задоволство кај пациентите од Општа болница Кавадарци

Спроведените анкети, кои редовно се прават и од Министерството за здравство и од Општа болница Кавадарци, за испитување на задоволството на пациентите, покажаа дека 100 отсто од испитаните пациенти во оваа болница се задоволни од болничката нега пружена од лекарите и останатиот персонал, како и од условите во болничките соби, истакна на денешката прес-конференција директорот на болницата,  Орце Ангеловски.

Анкетата за испитување на задоволството на пациентите е спроведена кај вкупно 2.810 испитаници од 13 болници низ државата, меѓу кои и општата болница-Кавадарци.

- Оваа анкета покажа и дека вкупно 94.8 проценти од испитаните пациенти се задоволни од достапноста на лекарите во болницата, а дополнително 97.9 отсто се задоволни од стручноста на лекарите, додека 93.7 проценти од испитаните пациенти се задоволни од стручноста на останатиот персонал, соопшти директорот.

Тој кажа дека 83.3 отсто од испитаните пациенти се изјасниле дека се задоволни од условите или комфорот во чекална, додека 80  отсто се задоволни од хигиената во санитарните јазли.

- Добиените резултати се релевантен показател на заедничките заложби на менаџментот на болницата и Министерството за здравство, во насока на унапредување на условите за третман и лекување на пациентите во болницата, додаде Ангеловски.

Изминатиот период, како што рече,  во болницата се инвестирани над 42 милиони денари за нова современа медицинска опрема, од кои најголем дел се набавени од Министерството за здравство – нов рентген апарат, хируршки стол со опрема, апарат за анестезија, биохемиски анализатори.

- Го изолираме просторот на рентген одделот за нов мамограф, а во најава се и апарати за неврологија нов ЕЕГ и ЕМГ. Континуирано се вложува и во зајакнување на кадарот и професионално усовршување и едукација на кадарот. Реализирани се нови вработувања на  осум општи доктори, четири специјалисти, 11 медицински сестри, осум општи работници.  Доделени се седум специјализации на доктори од кои две на радиологија, една на психијатрија,  една на гинекологија, една на ОРЛ и една на клиничка биохемија, од коишто дел се при крај со специјализацијата. Од приватно здравство се преземени четворица специјалисти, двајца хирурзи, еден педијатар и еден интернист кои веднаш се вклучени во процесот на работа, информираше директорот. 

Тој соопшти дека на едукација во странство досега од вкупно 39 доктори биле 23, од кои некои и неколку пати, како и пет медицински сестри.

- Секојдневно се посетуваат различни семинари, конгреси и работилници од областа на здравствената заштита. Во Општа болница Кавадарци редовно и навремено се набавуваат потребните здравствени материјали. Со воведувањето на системот Мој термин, времето на чекање е сведено на минимум. Повеќе наши лекари, од Министерството за здравство, се прогласени за најдобри  со 100 други доктори во државата, за коешто се и соодветно наградени, соопшти Ангеловски.