Македонија
29. August 2018 - 18:30

Анкета на ИРИ: 57 отсто се за членство во НАТО и ЕУ под името Република Северна Македонија

Вкупно 57 проценти од македонските граѓани го подржуваат членството во ЕУ и НАТО под името “Република Северна Македонија”, покажува новата анкета на Меѓународниот републикански институт. Според податоците кои ги објави ИРИ 37 отсто од анкетираните “целосно” ги подржуваат, а 20 проценти “донекаде” евроатласките интеграции со новото име. 49 отсто од испитаниците имаат намера да гласаат за решавање на спорот со името, а 22 проценти се изјасниле дека ќе гласаат против. Според резултатите од анкетата на ИРИ подршката од граѓаните за членство на земјава во ЕУ и НАТО продолжува да расте споредено со ланското истражување. 37 отсто сметаат дека земјава се движи во вистинска насока.

На прашањето на ИРИ за која партија ќе гласате ако денес се одржат парламентарни избори? За СДСМ се изјасниле 21 процент, што е раст од 1 отсто во споредба со минатогодишната анкета, а пораст од 1 процент има и ВМРО ДПМНЕ од 17 на 18 отсто. 7 проценти би гласале за ДУИ, а 2 за Алијанса за албанците. Високи 23 проценти не одговориле, а 19 биле неопределени.

Економијата, невработеноста, проблемот со името се најсериозните проблеми со кои се соочува Македонија денес, а дури 55 проценти од граѓаните можат да го купат само она што им е потребно. 45 отсто од испитаниците сметаат дека владата сеуште ги прислушува.

Анкетата на ИРИ  е спроведена со интервјуа лице в лице во периодот од 28 јуни до 15 јули 2018 година на примерок од 1100 анкетирани , на возраст над 18 години, а стапката на одговор била 69 проценти.

Александар Динев Сител телевизија.