Македонија
8. July 2015 - 13:47

Анкета ИРИ: ВМРО-ДПМНЕ со повеќе од двојна предност пред СДСМ

Најновата анкета на Американскиот републикански институт (ИРИ) со седиште во Вашингтон покажува дека владејачката партија во Македонија ВМРО-ДПМНЕ убедливо води со 23 отсто доверба меѓу граѓаните, пред опозициската СДСМ која има поддршка од 11 отсто од анкетираните.

Меѓу лидерите на политичките партии премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски е со најголема доверба. Во Груевски веруваат 18 проценти од анкетираните граѓани, што е за 2,5 пати поголема поддршка во однос на Зоран Заев кој има доверба од седум отсто од анкетираните. Али Ахмети е зад него со шест отсто доверба, а во Менудх Тачи доверба имаат два отсто од анкетираните граѓани.

Според анкетираните граѓани, владејачката ВМРО-ДПМНЕ е најспособна од политичките партии за решавање на проблемите со економијата, невработеноста, корупцијата, владеењето на правото, меѓуетничките односи и локалните проблеми, безбедноста и сигурноста и интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и НАТО.

На прашањето за која партија би гласале доколку утре се одржат парламентарни избори вкупно 23 отсто од граѓаните би ја дале својата поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, 11 отсто би гласале за СДСМ, за ДУИ би гласале седум проценти, а за ДПА три отсто.

Според анкетата на ИРИ поддршката која ја има владејачката партија се должи во дел и на постојаната работа и присуството на теренот. Граѓаните во анкетата велат дека ВМРО-ДПМНЕ е најактивна партија во нивните населени места. Вкупно 47 отсто од испитаниците во анкетата се изјасниле дека ВМРО-ДПМНЕ е најактивна партија, а потоа следат СДСМ – седум отсто, ДУИ 11 отсто, ДПА два отсто.

На прашањето која партија најнапорно работи за граѓаните 27 проценти од анкетираните одговориле дека тоа е ВМРО-ДПМНЕ, 13 проценти СДСМ,  ДУИ седум проценти и ДПА три проценти.

Според испитаниците, партијата на Груевски има поголема доверба, поддршка и кредибилитет за справување со сите предизвици и за унапредувања на состојбите во општествените сфери во споредба со партијата на Заев. Граѓаните сметаат дека ВМРО- ДПМНЕ има поголем капацитет да ја унапредува економијата, да ја намали невработеноста, да се справи со криминалот и корупцијата, да ги реализира европските и  евроатлантски интеграции, да го гради меѓуетничкиот соживот, да ги решава локалните проблеми и да обезбеди владеење на правото.

Вкупно 28 проценти од испитаниците сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ може подобро да ја развива економијата и да ја намалува невработеноста, а само 11 отсто од испитаниците сметаат дека тоа може да го направи СДСМ.

Во однос на обезбедување на владеењето на правото 23 проценти дале доверба и поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, наспроти само 10 проценти кои се изјасниле за СДСМ.

Дека ВМРО-ДПМНЕ може успешно да се справи со проблемите во меѓуетничките односи сметаат речиси 21 проценти од граѓаните, а за СДСМ се изјасниле 9 проценти.

Според ИРИ, 21 процент од граѓаните сметаат дека ВМРО- ДПМНЕ подобро може да се справи со криминалот и корупцијата, додека за СДСМ е значителна пониска довербата за оваа тема и изнесува седум проценти.

Граѓаните сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ подобро може да ја реализира интеграциската агенда за членство во ЕУ и НАТО. Владејачката партија има поддршка од 24 проценти од граѓаните за оваа тема, наспроти СДСМ за кого се изјасниле 13 проценти.

Партијата на Груевски со поддршка од 27 отсто од граѓаните има највисока доверба и за обезбедување на безбедноста и сигурноста, наспроти 10 отсто од граѓаните кои сметаат дека СДСМ има поголем капацитет за оваа тема.

ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Груевски имаат поголема поддршка од граѓаните и во однос на локалната самоуправа, со предност од 24 проценти наспроти 9 отсто за СДСМ.

Теренската анкета на  Американскиот републикански институт (ИРИ) е спроведена од 6 до 15 јуни врз репрезентативен примерок од 1. 105 испитаници.