Свет
28. October 2020 - 12:13

Анкета: Бајден со предност од 10 процентни поени пред Трамп

Една недела пред претседателските избори во САД на 3 ноември, демократскиот кандидат Џо Бајден води пред републиканецот Доналд Трамп на национално ниво со 10 процентни поени, според анкетата на Ројтерс/Ипсос.

Национална онлајн анкета спроведена од 23 до 27 октомври покажа дека 52 отсто од гласачите изјавиле дека го поддржуваат Бајден, додека 42 отсто би гласале за Трамп

Пет проценти се изјасниле дека размислуваат за кандидат од трета страна, а само 2 проценти одговориле дека сè уште не знаат за кого ќе гласаат. Речиси една третина од возрасните Американци изјавиле дека веќе гласале. Бајден водеше со 8 процентни поени во претходната национална анкета спроведена од 20-22 октомври.

Ројтерс/Ипсос ја спроведе анкетата меѓу веројатните гласачи во шест држави – Висконсин, Пенсилванија, Мичиген, Северна Каролина, Флорида и Аризона – кои ќе играат клучна улога во одлучувањето дали Трамп ќе добие втор мандат или Бајден ќе го наследи.

Најголемата разлика е во Висконсин, каде 53 отсто од испитаниците се изјасниле за Бајден, а 44 за Трамп. Во Мичиген, Бајден ја зголеми предноста во однос на последната анкета од 51, на 52 отсто, додека Трамп доби 43 проценти од гласовите.

Најнеизвесно е во Северна Каролина каде 49 проценти од испитаниците би гласале за Бајден и 48 отсто за Трамп.

Според анкетата на Ројтерс/Ипсос, Бајден води и во Пенсилванија, Флорида и Аризона.

Инаку, досега својот глас го дале близу 69,5 милиони луѓе, што е половина од вкупниот број гласови на изборите во 2016 година, јави ДПА. Според Изборната комисија на претходните претседателски избори вкупно гласале околу 137 милиони луѓе. Исто така, на изборите во 2016 година предвреме гласале 47 милиони лица.