Бизнис
14. December 2015 - 20:27

Американски Делфај ќе инвестира 15 милиони евра и 500 вработувања

Американската компанија „Делфај“ од автомобилската индустрија ќе инвестира во Македонија. Договорот вечерва во Скопје за реализаицја на инвестицијата го потпишаа директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо и глобалниот директор за оперативни активности на Групацијата Делфај Луси Тоскани.

По потпишување на договорот Мизо истакна дека станува збор за инвестиција која ќе се реализира во неколку фази, а првата е во вредност од 15 милиони евра и ќе отвори 500 нови работни места. За неколку години се очекува извозот да достигне над 150 милиони евра годишно.

- Со оваа компанија првобитно стапивме во контакт уште во 2010 година, а овој специфичен проект за електроника дојде случајно врз основа на моја средба со еден од нивните глобални директори на аеродромот во Детроит во јанаури 2013 година. Значи речиси пред три години и низ целиот овој процес ние бевме  една од земјите во кои Делфај имаше опција да инвестира, рече Мизо.

Делфај е водечки глобален снабдувач за автомобилскиот и пазарот за комерцијални возила. Таа е меѓу првите 15 најголеми глобални добавувачи од автомобилската индустрија со годишен обрт од над 17 милијарди евра. Има 146 илјади вработени низ целиот свет со 126 производствени погони и оперативна е во над 33 земји. Седиштето е во Гилингам, Велика Британија од каде што сервисира во 33 земји. Делфај испорачува технологии што ги прават автомобилите и камионите попаметни и побезбедни, исто така и помоќни и поефикасни. Компанијата снабдува 18 од топ 20-те производители на возила во Европа.

Делфај ќе инвестира во индустриската зона „Бунарџик“. Се очекува трансакцијата да се комплетира во јануари 2016, а почетокот на производствените активности во втората половина од 2016 година. Ќе се произведува најнова технологија на модул за возила кој ќе се вградува низ Европа и ќе соработува со другите капацитети на Делфај во регионот за да се обезбеди ефикасност и флексибилност за клиентите.

- Делфај е фокусирана на испорака на висок квалитет, водечки индустриски технологии кои им помагаат на производителите да постигнат повисок електронски и безбедносен систем. Капацитетите во Македонија ќе помогнат во остварување на оваа цел, рече Луси Тоскани, глобален оперативен директор на Делфај.

Од комапнијата наведуваат дека инвестициските критериумите кои ги следи Делфај за сите региони се да се следат клиентите производители на возила, обучена високо стручна работна сила, употреба на постоечка инфраструктура и потенцијално партнерство со локалните власти. Клучни фактори според нив се поволна бизнис клима, напредни вештини и одлични инфраструктури во техниолошко развојните индустриски зони.

 Претставниците на „Делфај“ претходно имаа средба со премиерот Никола Груевски кој присуствуваше на потпишувањето.