Македонија
19. November 2022 - 16:31

Американската амбасадорка ја отслика реалноста, велат експертите по ставот за Абази

Оправдана е реакцијата на Американската амбасада во земјава за како што велат, збунувачкиот избор на обвинителот Абази.

Во коалицијата „Сите за правично судење“, сметаат дека е очекувано да има забелешки од меѓународната заедница, бидејќи таа во изминатата деценија потрошила милионски суми пари за подобрување на состојбите во правосудниот систем во државата.

„Станува збор за големи инвестирања во правосудниот сектор и е сосема очекувано дека меѓународната заедница сака да види некакви резултати кои ќе укажат на тоа дека инвестициите вродуваат со плод. И воедно, дека тоа и помага на земјата да се придвижи напред кон интеграциите во ЕУ, што е особено важно , имајќи предвид дека и ЕУ и САД имаат во повеќе наврати истакнато дека владеењето на правото независноста на судството и борбата против организираниот криминал и корупцијата, се практично се најголемите приоритети за Република Македонија“, изјави Дарко Аврамовски, Извршен директор на Коалиција „Сите за правично судење“.

Американската амбасада, изборот на Абази го оценува како збунувачки, а како што велат, во такви постапки нема место за политичко мешање.

Во јавноста беа споделени повеќе фотографии кои укажуваат дека обвинителот е во блиски релации со луѓе од политиката, но Абази се правдаше дека тоа биле случајни средби по освојување на планински врвови и свадбени прослави. Немањето програма за работа, според експертската јавност, го отвара и прашањето, како обвинителите знаеле дека Абази е најдобар кадар за одделението кое гони криминал и корупција.

„Веќе гледаме дека се повеќе и повеќе лица и меѓународната заедница изразуваат недоверба во ваквиот избор и сметам дека тоа се должи токму на начинот како тоа беше спроведено, бидејќи, во отсуство на било какви програми за работа и достапност до биографиите на кандидатите, се прашува, како воопшто јавните обвинители гласале, односно врз основа на што го давале својот глас на ваквиот избор за обвинител“, вели Аврамовски.

Веќе задутре пак, треба да се избира прв човек и на Вишото обвинителство во Скопје, но изборот е стеснет на двајца кандидати откако, Фатиме Фетаи, без никакво објаснување се повлече од трката. За експертите, пак, нејасно е зошто нема интерес за напредок во кариерата на обвинителите.

„Она што е интересно е малиот број на пријавени кандидати што укажува на тоа дека можеби и самите јавни обвинители имаат некаква недоверба во самиот процес и во унапредувањето во повисоките јавни обвинителства, поради тоа и отсуствуваат одреден дел на кандидатури“, велат од Коалиција „Сите за правично судење“. 

Во понеделникот беше предвиден изборот на Виш обвинител во Скопје, но Советот на јавни обвинители го одложи за една недела со објаснување дека немало доволно време да се разгледаат биографиите на тројцата кандидати. Во меѓувреме, Фетаи ја повлече кандидатурата, па во трката останаа досегашниот шеф Хајруали и обвинителот од СЈО, Рустеми.