Балкан
23. August 2022 - 16:34

Албанските Бугари бараат помош од претседателот Радев - тврдат дека ги има 10.000 во 3 области

Македонско – бугарскиот спор се прелеа во Албанија. Во пресрет на октомврискиот попис, таму се разгоре и идентитетското прашање – кој етникум живее во Голо Брдо, Мала Преспа и Гора?

Тука со векови живеат Бугари, а сега нашето малцинство брои околу 10 илјади, тврдат за Бугарската национална телевизија експерти од Софија и албански државјани со бугарско потекло. Велат дека зад тврдењето дека во овие реони живеат Македонци стојат организации блиски до Скопје и дека бугарското малцинство официјално е признато од Парламентот во Тирана во 2017 година.

Тврдењата доаѓаат и покрај тоа што нема ниту еден официјален албански документ, кој го покажува бугарското потекло на овие лица.

“Голо Брдо во минатото била самостојна општина, односно, во изводот на родените било запишано дека личноста е родена таму. Бидејќи станува збор за компактно бугарско население таму освен Бугари немало други и од тоа многу лесно се утврдувало бугарското потекло на дотичниот кандидат. Но денес, кога се укинуваат овие општини, чисто административно се губи секаква трага”

За лидерот на единствената македонска партија во Албанија Васил Стерјовски тврди дека во Албанија нема бугарско малцинство и дека сето ова е последица на асимилаторската политика на Софија.

Но како што пренесува БНТ, Бугарите во Албанија не се согласуваат со ставовите на Стерјовски.

„Ве молам, не обрнувајте внимание на тоа што го кажуваат овие луѓе. Нашиот устав вели дека секој треба да си каже кој е. И на која нација и припаѓа. На Стеровски не му требаат овие Македонци и ние немаме врска со нив"

БНТ пренесува дека Бугарите од Албанија побарале средба со претседателот Радев, а сметаат дека евентуалната поделба на Голо Брдо и Гора во посебни општини ќе им овозможи полесно да го докажат своето бугарско потекло.