Аларм за воздухот во САД пред финалето на Мундијалот: Чадот од канадските пожари стигна до Њу Џерси и Њујорк

Големи облаци чад од шумските пожари што беснеат низ Канада предизвикуваат влошување на квалитетот на воздухот во големи делови од Канада и во североисточниот дел на Соединетите Американски Држави, покажуваат податоците на Службата за следење на атмосферата „Коперник“ .
Како што соопштуваат од Центарот за односи со јавност на „Коперник“, предупредувања за исклучително лош квалитет на воздухот се издадени во градови како Њујорк и Филаделфија, како и во сојузната држава Њу Џерси, каде в недела треба да се одржи финалето на Светското првенство во фудбал.
Њујорк, во текот на вчерашниот ден, беше под предупредување за квалитетот на воздухот поради нездрави нивоа на загадување. Шумските пожари предизвикуваат зголемување на концентрациите на ситни честички PM2.5, едни од најштетните загадувачи за човековото здравје, како и ослободување други токсични загадувачи.
Во меѓувреме, нов бран пожари во северозападниот дел на Онтарио, кој започна на 13 јули долж фронт долг околу 500 километри, придонесе покраината да го достигне највисокото годишно ниво на проценети емисии од пожари заклучно со 16 јули.
Научникот од „Коперник“, Марк Парингтон, вели дека активноста на шумските пожари во Канада значително се засилила во изминатите недели.
– Има јасно засилување на активноста на шумските пожари во Канада во последните неколку недели. Чадот од големите пожари, особено во Онтарио, веќе предизвикува сериозни последици по квалитетот на воздухот во градовите долж регионот на Големите Езера и во североисточниот дел на САД – вели Парингтон.
Додава дека прогнозите покажуваат оти чадот ќе продолжи да се движи кон исток преку Северниот Атлантик, со потенцијална можност да стигне и до Европа.
– Тоа го покажува размерот на загадувањето од шумските пожари и начинот на кој тоа може да патува илјадници километри преку граници и да влијае врз квалитетот на воздухот далеку од местата каде што се пожарите – рече Парингтон.
Службата за следење на атмосферата „Коперник“ од крајот на јуни следи значително засилување на сезоната на шумски пожари во Канада. Најголемите пожари моментално горат во северозападниот дел, каде кумулативните емисии од пожарите до средината на јули се споредливи со нивоата забележани во најтешките години за пожари во оваа област, како 2023 и 2014 година. Според проценките, за време на екстремната сезона на пожари во Канада во 2023 година, околу 345 милиони луѓе во Северна Америка и Европа биле изложени на дневно загадување со PM2.5 предизвикано од чадот од пожарите, а со таа сезона се поврзуваат и околу 70.400 смртни случаи.
Од „Коперник“ нагласуваат дека сателитското следење и прогнозирањето на движењето на чадот од пожарите се од особено значење за навремено предупредување на населението и проценка на влијанијата врз квалитетот на воздухот.
Се очекува чадот од канадските пожари во наредните денови да продолжи да се движи кон исток, со можност за влијание и врз пошироки области надвор од Северна Америка.
МИА
Ново на Сител
-

Трамп ги предупреди Кина и Русија да не се мешаат во војната во Иран
-

Маск: Вештачката интелигенција за пет години ќе ја надмине човечката
-

Клековски на средба со претставници на матични лекари и на „Мој Темин“: Заедно за побрзи и поефикасни термини
-

Трамп и Зеленски ќе се сретнат во вторник во Вашингтон
-

АХВ: Ја разбираме загриженоста на одгледувачите на овци, но категорично ги отфрламе тврдењата дека не реагираме навремено во однос на сипаниците кај малите преживари
-

На Пелистер падна снег
-

Ѓорѓиевски: За брзo врeмe ќe бидe oткриeн причинителoт за влевање на непознатата материја oд Лeпeнeц вo Вардaр
-

Во ЈЗУ во Гостивар прегледани 197 пациенти кои првпат побарале лекарска помош, што е намалување во однос на претходниот ден
