Аларм за воздухот во САД пред финалето на Мундијалот: Чадот од канадските пожари стигна до Њу Џерси и Њујорк

Големи облаци чад од шумските пожари што беснеат низ Канада предизвикуваат влошување на квалитетот на воздухот во големи делови од Канада и во североисточниот дел на Соединетите Американски Држави, покажуваат податоците на Службата за следење на атмосферата „Коперник“ .
Како што соопштуваат од Центарот за односи со јавност на „Коперник“, предупредувања за исклучително лош квалитет на воздухот се издадени во градови како Њујорк и Филаделфија, како и во сојузната држава Њу Џерси, каде в недела треба да се одржи финалето на Светското првенство во фудбал.
Њујорк, во текот на вчерашниот ден, беше под предупредување за квалитетот на воздухот поради нездрави нивоа на загадување. Шумските пожари предизвикуваат зголемување на концентрациите на ситни честички PM2.5, едни од најштетните загадувачи за човековото здравје, како и ослободување други токсични загадувачи.
Во меѓувреме, нов бран пожари во северозападниот дел на Онтарио, кој започна на 13 јули долж фронт долг околу 500 километри, придонесе покраината да го достигне највисокото годишно ниво на проценети емисии од пожари заклучно со 16 јули.
Научникот од „Коперник“, Марк Парингтон, вели дека активноста на шумските пожари во Канада значително се засилила во изминатите недели.
– Има јасно засилување на активноста на шумските пожари во Канада во последните неколку недели. Чадот од големите пожари, особено во Онтарио, веќе предизвикува сериозни последици по квалитетот на воздухот во градовите долж регионот на Големите Езера и во североисточниот дел на САД – вели Парингтон.
Додава дека прогнозите покажуваат оти чадот ќе продолжи да се движи кон исток преку Северниот Атлантик, со потенцијална можност да стигне и до Европа.
– Тоа го покажува размерот на загадувањето од шумските пожари и начинот на кој тоа може да патува илјадници километри преку граници и да влијае врз квалитетот на воздухот далеку од местата каде што се пожарите – рече Парингтон.
Службата за следење на атмосферата „Коперник“ од крајот на јуни следи значително засилување на сезоната на шумски пожари во Канада. Најголемите пожари моментално горат во северозападниот дел, каде кумулативните емисии од пожарите до средината на јули се споредливи со нивоата забележани во најтешките години за пожари во оваа област, како 2023 и 2014 година. Според проценките, за време на екстремната сезона на пожари во Канада во 2023 година, околу 345 милиони луѓе во Северна Америка и Европа биле изложени на дневно загадување со PM2.5 предизвикано од чадот од пожарите, а со таа сезона се поврзуваат и околу 70.400 смртни случаи.
Од „Коперник“ нагласуваат дека сателитското следење и прогнозирањето на движењето на чадот од пожарите се од особено значење за навремено предупредување на населението и проценка на влијанијата врз квалитетот на воздухот.
Се очекува чадот од канадските пожари во наредните денови да продолжи да се движи кон исток, со можност за влијание и врз пошироки области надвор од Северна Америка.
МИА
Ново на Сител
-

Тошковски: Одговорност ќе се побара од секој кој со извршување или неизвршување бил вклучен го загадувањето на водата во Гостивар
-

Иран: Секоја британска база што ќе ја користат САД ќе биде легитимна цел
-

Приведен возач-почетник, возел двојно над дозволената брзина на автопат со 211 км/чaс | ФОТО
-

Ангелов: Во Гостивар, вчера и денеска испорачани околу 200.000 литри пакувана вода
-

Герасимовски: Со личен пример да покажеме солидарност, прв ќе донирам, ги повикувам и советниците да ме следат
-

Тошковски: Во гостиварскиот водовод се врши плакнење и хиперхлорирање
-

Трамп: Иран ќе се соочи со голема воена казна поради нападите на Хутите во Црвеното Море
-

Еден осомничен за обид за тешка кражба во Скопје
