Македонија
19. јуни 2021 - 8:27

Активни 416 случаи со Ковид-19

 Активни со Ковид-19 се 416 случаи во државава, од кои 158 се во Скопје. Според вчера објавените податоци на Институтот за јавно здравје, од направени 3.680 тестирања регистрирани се 19 нови случаи со Ковид-19, двајца починати и 14 оздравени пациенти.

Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.612, бројот на оздравени пациенти е 149.722, а на починати е 5.474.

Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Од Министерството за здравство апелираат граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи, како што посочуваат, тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.

Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 454.104 граѓани. На вакциналните пунктови во државата заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 274.710 граѓани. Прва доза вакцина завчера примиле 5.834 граѓани, а вкупно се вакцинирале 7.720 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 473.853 дози вакцини, а ревакцинирани се 199.143 граѓани. Со последните бројки 50 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 45 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 38 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, информираат од Министерството.

Државјаните на Македонија кои овие денови доаѓаат на ревакцинација во Србија, и кои пред три месеци, на 27 и 28 март, ја примија првата доза на „Астра Зенека“ ќе можат да се ревакцинираат само во градот во кој ја примиле првата доза, јави дописникот на МИА од Белград.

-Сите оние кои прв пат се вакцинираа во Белград, ќе мора на ревакцинација да дојдат во Белград. Така ни е речено од Белград и ние тоа мора да го почитуваме. Знам дека на Македонците полесно им е втората доза да ја примат во Ниш, но од Министерството ни објаснија дека постојат технички проблем тоа да се реализира, изјави за „Нишке вести“ директорот на Здравствениот дом во Ниш, Милорад Јеркан.

Директорот на пунктот за вакцинација на Белградскиот саем, Зоран Бекиќ, изјави дека 13 000 граѓани од регионот и Европа биле поканети викендов да се ревакцинираат на Белградскиот саем, бидејќи, како што кажа, поминаа 12 недели од првата доза.

-Ние сме добро подготвени за овој викенд. Во сабота очекуваме 8 000 граѓани од регионот и Европа, а во недела 5 000 и сите ќе бидат ревакцинирани на Белградскиот саем, изјави Бекиќ за телевизијата К1.

Тој додаде дека за викендот ќе бидат отворени салите 3 и салата 11, а работното време на вакциналните пунктови ќе биде продолжено до 17 часот. Бекиќ потсети дека без закажување на Саемот можат да се вакцинираат граѓаните на Србија, БиХ и Македонија, како и дека вакцинирањето без регистрација се спроведува на сите 225 пунктови во Србија.