Македонија
26. February 2016 - 14:07

Акција за чистење на одводен канал во Новаци

Општина Новаци во рамки на проектот „Стоп за поплавите“ кој го реализира во соработка со Центар за граѓанска иницијатива, а е подржан од програмата Цивика Мобилитас, денеска имаше акција за чистење на одводен канал.

Во заедничката акција учествуваа месното наеселение, ученици и наставници од ЦОУ „Славко Лумбарковски“ и јавното комунално претпријатие „Комунална хигиена“.

- Овој проект има повеќе содржини. Како поддржувачи и реализатори освен комунални активности приредивме и две предавања за климатски промени и последиците од поплавите во општина Новаци, истакна градоначалникот на општина Новаци Лазар Котевски.

Општина Новаци денеска го промовираше и проектот за изградба на ловечки дом во мариовското село Будимирци за што беше организиран јавен увид и расправа за Нацрт извештајот за стратегиска оцена за влијанието врз животната средина и статегиска оцена на локална планска урбанистика документација-ЛУПД за изградба на ловен дом со придружни содржини.

- Ловниот дом со пропратни содржини ќе се гради на ловиштето бр. 4 „Ниџе“ во село Будимирци, општина Новаци со вкупна површина на планскиот опфат од 3 хектари. Заинтересираниот инвеститор има склучено договор за концесија со Владата на Република Македонија. Извештајот за стратегиска оцена за влијанието врз животната средина ќе биде изложен во општина Новаци – одделение за комунални дејности, сообраќај, урбанизам, заштита на животната средина и локален економски развој до 11.март, а сите заинтересирани, правни и физички лица, во текот на 30 дена можат да достават мислења во врска со Извештајот за стратегиска оцена за влијанието врз животната средина, појасни Котевски.

Извештајот за стратегиска оцена за влијанието врз животната средина се прави со цел да се анализираат влијанијата, превенција и идентификување на можните проблеми, рационализација на трошоците и оптимален избор на мерките за заштита на животната средина каде што ќе биде лоциран новиот ловечки дом, информираат од општина Новаци.